за

Мерцедес-Бенц ЦЛЕ: Каде што има купе, мора да има кабриолет

Дувалки за топол воздух околу главата, седишта со облога што штити од прегревање, осветлување околу целата кабина што создава посебно доживување, но и 6-цилиндарец во врвната изведба: Toa e Мерцедес ЦЛЕ Кабриолет.

Штутгарт со новиот ЦЛЕ Кабриолет ја продолжува својата долга традиција на четириседи без покрив. Каросеријата и механиката се исти со купето, што во меѓувреме имаше и македонска премиера во Мак Аутостар, но пак сé е различно, затоа што станува збор за кабриолет, за посебен вид на уживање во возењето.

Кога е студено, вистинско време е за кабриолет. Тоа што звучи противречно, всушност одамна втемелено правило на автомобилската сцена. Производителите ги прикажуваат своите нови кабриолети среде зиме и почнуваат со нарачки кога сите гледаат да се најдат на топло под покрив. Но, затоа Мерцедес ЦЛЕ Кабриолет што е нарачан зиме, подготвен е за испорака во салон точно во почетокот на новата сезона, уште рано напролет.

Покривот е платнен, со звучна изолација, а автомобилот е изведен со посебни детали што му даваат посебен карактер. Секако дека при развојот е ставено внимание на тоа кабриолетот да може да се користи и зиме, со бројни ставки што ЦЛЕ Кабриолет го унапредуваат во автомобил за сите сезони. Германскиот ценовник почнува од 66.402 евра. Испораката во Европа стартува кон завршетокот на април.

Стандард во Мерцедес ЦЛЕ Кабриолет се електричната ветерна брана Еркеп (се состои од ламели над ветробранот и мрежа зад седиштата, ја смалува турбуленцијата) и кај маркава веќе одамна познатото греење во просторот околу главата Ерскарф. Штутгарт вели дека двата системи се усовршени, за возењето на студ да биде уште попријатно.

Покривот може да биде испорачан во црна, црвена или сива боја. Тој се состои од повеќе слоеви, со топлинска и звучна изолација, за чувството при возење под покрив да биде слично со купето ЦЛЕ. Отворањето трае 20 секунди, возилото притоа може да се движи до 60 км/ч.

Кокпитот се сведува на инструменти од 12,3 инчи што се издвоени од арматурната табла и од исправен средишен дисплеј од 11,9 инчи. По пример на престижниот СЛ, последниов дисплеј може да се мести под агол од 15 до 40 степени, за да се избегнат рефлексии кога е спуштен покривот.

По избор се вградува динамичноамбиентално осветлување. Светлечки ленти се протегаат од кокпитот, преку вратите, до страничните облоги околу задната клупа и самата клупа. Ова чувство на опкруженост со светлост е зајакнато со два детали: Горната страна од арматурната табла и поклопецот на куќиштето во коешто се собира покривот, обложени се со материјал што личи како црна телешка кожа. На тоа следи уште хромирана лајсна што ја опкружува целата кабина.

Опционалните кожени седишта имаат посебна облога да не се загреваат премногу лете. Таа ги одбива инфрацрвените сончеви бранови, за кожата да се одржува за 12 степени постудено од нетретирана кожа. Во стандардната изведба, седиштата се обложени со вештачка кожа Артико и црн микрофибер.

Седиштата се наменски развиени за ЦЛЕ и имаат интегрална конструкција. При избор на аудио систем Бурместер, по два звучника се вградени на висина на глава.

Мерцедес-Бенц го рекламира ЦЛЕ Кабриолет како најголем модел во средната класа, со простор за четири патници и погодност за подолго патување. Кабриолетот е долг 4.850 милиметри, широк 1.861 милиметри и висок 1.424 милиметри, меѓусокиното растојание е 2.865 милиметри. Дополнителните 25 милиметри во споредба со Ц-Класа Кабриолет одат во корист на задната клупа. Патниците назад имаат и 72 милиметри повеќе простор за нозете во споредба со претходникот.

Багажникот располага со 385 литри, односно 295 литри со спуштен покрив. Задната клупа е поделена и се соборува за добивање дополнителен простор за товарење. Стандард е пристап и старт без клуч.

За инфо-забавниот систем, важи истото како за купето, а тоа значи: МБУКС систем од 3-та генерација, подржување ТикТок и сл., Зум, подкасти. Голем дел од функциите може да се повикаат преку говорни команди.

Тоа што ги прави ЦЛЕ Купе и Кабриолет посебни се шестцилиндарците

Во врвната изведба, ЦЛЕ Кабриолет вози со трилитарски 6-цилиндарец. Возилото стандардно се испорачува со комфорно подвозје што е спуштено 15 милиметри. По желба, моделот се испорачува со спортско подвозје, а има и трето ниво, активно подвозје.

Сите мотори располагаат со стартер-генератор од 48 волти, односно се благи хибриди.

Гамата во почетокот се состои од пет моделски изведби:

  • Мерцедес-Бенц ЦЛЕ 220 д, 2,0 л, 197 КС, 440 њутнметри, 234 км/ч
  • Мерцедес-Бенц ЦЛЕ 200, 2,0 л, 204 КС, 320 њутнметри, 236 км/ч
  • Мерцедес-Бенц ЦЛЕ 200 4Матик, 2,0 л, 204 КС, 320 њутнметри, 232 км/ч
  • Мерцедес-Бенц ЦЛЕ 300 4Матик, 2,0 л, 258 КС, 400 њутнметри, 250 км/ч
  • Мерцедес-Бенц ЦЛЕ 450 4Матик, 3,0 л, 381 КС, 500 њутнметри, 250 км/ч

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Киа доби кредитен рејтинг А3, подобра е од некои држави

Шкода Октавиа во ново издание за Свети Трифун