за

Mercedes Citan почнува од 11.900 евра

Тоа што не успеа да го постигне Vaneo, сега ќе го поправи Citan. Основата доаѓа од Renault Kangoo и тоа драстично го поевтинува возилото. Но, Citan е сепак Mercedes.

Увозникот МакАутоСтар започна со продажба на доставното возило Citan, како четврти модел во понудата на товарни возила на марката со ѕвездата, покрај Vito, Sprinter и Vario. Комбито е плод од соработката меѓу Mercedes и Renault, односно во голема мера е идентично со францускиот бестселер во класата, Kangoo. Користењето на постоечка основа значително ја намали цената на возилото во споредба со Vaneo, кој се појави точно навреме, во екот на пазарниот пробив на мултифункциските возила, но беше прескап во конкурентското поле.

Во понуда се три изведби, доставно комби, патничко комби и комбинирана верзија. Дополнително има избор од три меѓуоскини растојанија
Во понуда се три изведби, доставно комби, патничко комби и комбинирана верзија. Дополнително има избор од три меѓуоскини растојанија

Основната доставна верзија на Citan стартува од 11.900 евра, без вклучен ДДВ. Покрај класичното комби, во понуда се и патничка верзија и комбинирана верзија Mixto, сите со поврат на ДДВ. Високата флексибилност на конструкцијата дозволува Mercedes да нуди три различни должини на возилото, кои се разликуваат во меѓуоскиното растојание. Максималната должина на товарниот простор изнесува 2,14 метри, при товарна висина од 1,26 метар. Зафатнината на товарниот простор достигнува најмногу 3,8 метри кубни, а носивоста се движи меѓу 490 и 810 килограми. Двете странични врати се стандард.

Понудата на погонски единици опфаќа три дизелски верзии со моќност од 75, 90 и 110 КС, како и бензинец со моќност од 114 КС. Дизелот од 1,5 литар потекнува од Renault и со темелни модификации се вградува веќе подолго време и во патничките модели на Mercedes. Бензинецот има зафатнина од 1,2 литар, исто така потекнува од Французите и со турбонатполнење постигнува примерен вртежен момент од 190 њутнметри.

Тоа што го издвојува Citan од конкуренцијата се ниските трошоци на сервисирање и ниската потрошувачка на гориво. За најштедливата верзија, 109 CDI со домашната технологија Blue Efficiency, фабриката декларира 4,3 литри на сто километри. Импресивен е долгиот интервал на сервисирање од 30.000 километри, што професионалните корисници на Citan ќе го ценат од една страна поради пониските трошоци за одржување, а од друга поради кусите периоди на мирување на возилото во сервис. За запчестиот ремен е проектиран период на замена на 240.000 километри. Трошоците за сервисирање во период од три години се движат околу 500 евра, што исто така е импресивно ниска вредност.

За многумина купувачи е интересен спојот на ниските оперативни трошоци со високата флексибилност и просторност на кабината во секојдневието, така што се решаваат за патничките моделски изведби. Во тој случај Citan поентира со багажникот од 685 литри и со можноста за едноставно соборување на задната клупа во еден потег, и секако, со одличната просторна понуда на сите седишта.

Техничката основа потекнува од Renault Kangoo, но возилото има претрпено многубројни модификации
Техничката основа потекнува од Renault Kangoo, но возилото има претрпено многубројни модификации

Интересен детал е носачот за багаж на покрив, кој е флексибилен и може да се постави надолжно или попречно, во зависност од видот на товарот. Стандардната опрема вклучува електрика за предните прозорци, патен компјутер, електрика и греење на ретровизорите, централна брава, таванска преграда над арматурната табла, поделена задна клупа, носачи за багаж на покрив, како и контрола на стабилност, две воздушни перници. Вообичаено за Mercedes е достапна широка понуда на дополнителна опрема и прибор.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo стартуваше со производство во Кина

Новата класа C ќе се нуди и во верзија со пет врати