Мерцедес-Бенц лани продаде 2,2 милиони возила, рекорд за Г-Класа и раст кај АМГ

Мерцедес-Бенц Групација, со своите марки Мерцедес-Бенц, Мерцедес-АМГ, Мерцедес-Мајбах, Мерцедес-Бенц Ванс и смарт постигна продажба од 2.160.000 возила во минатата година.

Најголем раст во минатата година имаа пазарите во САД, Германија, Јужна Америка и Средниот Исток. Новите ЦЛА и ГЛЦ ги надминаа очекувањата. На сликата: ЦЛА при премиерата во Копенхаген, наскоро доаѓа на македонскиот пазар

Најголем раст во продажбата постигна престижната спортска марка Мерцедес-АМГ со 7% во плус, додека Г-Класа ја имаше најдобрата година во историјата.

Динамиката се засили во четвртото тромесечје, кога беа продадени и најмногу возила на квартално ниво во 2025, со шест проценти разлика во споредба со претходниот квартал. За тоа секако придонесоа и новите генерации на ЦЛА и ГЛЦ, коишто во овој почетен период се достапни само во нивните целосно електрични изведби. Има раст и кај електричните возила воопшто, вклучувајќи ги вановите.

Шефот Ола Калениус изјави во соопштението дека минатата година го одбележала почетокот на „најголемата моделска и технолошка офанзива на Мерцедес-Бенц, со најнови електрични погонски системи и интелигентен софтвер.“ Швеѓанецот на кормилото на штутгартскиот производител најавува силно продожение на моделската офанзива, во годинава во којашто ќе бидат одбележани 140 години откако Карл Бенц го конструираше првиот автомобил во светот.

Во последниот квартал биле продадени 459.400 патнички автомобили, со раст во сите региони. Мерцедес-Бенц Карс ја заврши годината со 1,8 милион возила, со добра динамика во Европа, раст од 54% во Јужна Америка и 3% раст на Арапскиот Полуостров. Во Кина продолжи падот со којшто се соочуваат сите европски премиум марки.

Во САД беа испорачани 303.200 возила, што е за 1% повеќе во споредба со претходната година. Поради неизвесноста околу царините што ги воведе владата на Трамп, Мерцедес-Бенц направи поголеми залихи од возила, што создаде вештачки раст во продажбата.

„По одличниот старт на новиот ЦЛА, сега и побарувачката за новиот целосно електричен ГЛЦ значително ги надминува нашите очекувања. На овој силен замав му се придружува една од најуспешните години во историјата на Мерцедес-АМГ и нов продажен рекорд за Г-Класа.“
Матијас Гајсен, директор за продажба на Мерцедес-Бенц Групација

Растеа пазрите во Германија (+1%), Шпанија (+6%) и Полска (+6%), потоа важни пазари како Јужна Америка (+54%), Австралија (+10%), Турција (+11%) и Арапскиот Полуостров (+3%).

Кина и натаму е предизвик, откако домашните производители почнаа да ги привлекуваат купувачите со домашни премиум марки. Мерцедес-Бенц сепак продолжи да ја предводи продажбата на возила поскапи од 1 милион вони, што одговара на околу 120.000 евра.

Врвните моделски серии со 268.000 продадени возила учестуваат со 15% во вкупната продажба. Мерцедес-АМГ имаше една од најуспешните години со 145.000 возила и раст од 7 проценти.

За годинава е најавен стартот на електричниот Мерцедес-АМГ ГТ со 4 врати, којшто донесува голема револуција во светот на електричните возила, со новата платформа АМГ.ЕА. Моделот беше најавен преку Концепт АМГ ГТ Икс Икс, којшто постави 25 рекорди.

Мерцедес го прикажа електричниот модел на АМГ со преку 1.000 КС на годишната средба на дилерите во САД. Германскиот производител во јуни го најави новиот модел преку Концепт АМГ ГТ Икс Икс, што е на сликата.

Мајбах се покажа отпорен на пазарните промени и регистрираше зголемена побарувачка за С-Класа. Секоја трета С-Класа што е продадена во 2025, е модел на Мерцедес-Мајбах. Во Кина, тоа е секоја втора С-Класа.

На 29-ти јануари се очекува премиера на освеженото моделско годиштена С-Класа, што во текот на годината ќе продолжи со фејслифт на Мајбах С-Класа и ГЛС.

Продолжува успехот на иконската Г-Класа, со рекордни 49.700 возила лани и раст од 23 проценти. Одреден удел има и електричната Г-Класа. Годинава претстои воведување на кабриолет изведбата.

Во 4-от квартал порасна продажбата на батериски електирчни возила за 3% во споредба со претходната година, односно за 18% во споредба со 3-от квартал. Главната заслуга за тоа ја има електричниот ЦЛА.

Приклучните хибриди донесоа раст од 9 проценти. Сите видови електрифициран погон постгигнаа продажба од 368.000 возила и досега најголем удел во вкупната продажба, со 40 проценти. Во Франција, Данска, Индија и Австралија се продадоа повеќе батериски електрични возила од кога било досега.

Германскиот магазин ауто мотор унд шпорт го заклучи тестот на Мерцедес-Бенц ЦЛА како „најдобар автомобил што е тестиран досега“. Во истата смисла продолжува и насловот на Европски автомобил на 2026 година.

Мерцедес ЦЛА во новата генерација наскоро во Мак Аутостар, доаѓа со нов хибриден погон

Штутгарт веќе прима нарачки и за комби-купето ЦЛА Шутинг Брејк, за новиот ГЛБи за ЦЛА. Уште една важна премиера е електричниот ГЛЦ, за којшто книгите со нарачки се полни до длабоко во второто полугодие од 2026 година.

Кои нови модели на Мерцедес-Бенц Карс доаѓаат во 2026:

  • Моделско освежување на С-Класа
  • Моделско освежување на ГЛЕ
  • Моделско освежување на ГЛС
  • Почеток на продажба на ГЛЦ (прво електро, потоа останатите)
  • Почеток на продажба на ЦЛА Шутинг Брејк
  • Мерцедес-АМГ ГТ со 4 Врати
  • Премиера на Ц-Класа (прво електро, потоа останатите)
  • Премиера на ГЛА

 

Претходна објаваИмето на новиот модел на Шкода е врв
Следна објаваНајбезбедни автомобили во сите класи на тестовите на Еуро НКАП

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here