Целиот лош имиџ што Илон Маск за кусо време го фрли врз електричните автомобили, концептниот автомобил на Мерцедес-АМГ го поправи за само осум денови. Мачни осум денови, затоа што Концепт АМГ ГТ Икс Икс возеше без престан по тркачката патека Нардо – со запирање за брзо полнење на батеријата – и мина преку 40.000 километри, речиси колку што е обемот на Земјата.
За помалку од осум денови, концептниот автомобил на Мерцедес-АМГ постави 25 брзински рекорди за електрични автомобили. Германците го изработија овој автомобил за да ги тестираат најновите технологии, и тие очигледно делуваат.
Марката од Афалтербах пушти два примероци од бесценетиот Икс Икс по патеката, да јурат со 300 километри на час без престан, од круг во круг, и тоа траеше 7 денови, 13 часови, 24 минути и 7 секунди.
Меѓу рекордите е најбрзо растојание минато за 24 часа со електрично возило. Рекордот паѓаше четиринаесетпати.
Овој потфгат имаше за цел да ја докаже издржливоста на револуционерниот погон. Концепт АМГ ГТ икс Икс користи три електромотори со аксијален флукс и батерија што се лади непосредно. Двете технологии ќе биат применети в година, кај првиот електричен модел од самостоен развој на АМГ, изработен врз новата платформа АМГ.ЕА.
Иновации има во секој агол на Икс Икс, вклучувајќи ја дури и кацигата со виртуелна реалност, ергономските тридимензионални перници во седиштата и био материјалите.
Маркус Шефер, директор за технологија и развој потсетува на историјата на Мерцедес на патеката Нардо, каде што „Мерцеде-Бенц беше редовен гостин во Нардо и постави бројни интернационални брзински рекорди, пред сé со Ц111, какво визионерска програма за технологија.“ Сега тоа поглавје го повторува првиот електричен АМГ.

Нов начин на ладење со централна единица за ладење и пасивна разладна плоча во подот
Делотворното ладење е клуч за издржливоста на Концепт АМГ ГТ Икс Икс, да вози постојано под „полна гас“. Тајната е во директното ладење на батеријата преку масло. Постои и посебно ладење на електромоторите на предната и задната оска, по потреба.

Централната единица за ладење се состои од:
- Разладни пумпи со висока ефикасност
- Сензори за температура
- 4- и 5-кратни вентили
На овој начин се смалува потребата од црева, држачи, стеги и пумпи, заради заштеда на тежина и простор.
Од централната единица водат црева до секој агол, меѓу другото до главниот ладилник и до двата ладилници во предните крила. Специјални вентили го отвораат системот за ладење делумно или целосно.
Освен при возење со целосна моќност, ладењето е делотворно и при приклучување на брз полнач. Кај обичните ЕВ, веднаш по полнењето не може да се добие целосната моќност, туку е потребно прво батеријата да постигне работна температуира. Кај АМГ, може веднаш од полнач да се појде на трка.
Разладната пасивна плоча е развиена во огранокот на Мерцедес-АМГ во Англија и веќе е користена во Вижн Е Ку Икс Икс. Целта е преку струењето на воздухот долж плочата да се смали оптоварувањето на активните системи за ладење. Плочата ѝ годи и на аеродинамичноста.

При 300 километри на час, 83 проценти од моќноста на погонот се троши за совладување на отпорот на воздух
Голем труд е вложен во аеродинамичноста, за што говори и коефициентот 0,19. Бројни зафати се заслужни за тој инженерски потфат, меѓу другото со оптимирани ретровизори, продолжен дифузор и посебно изведен раб во завршетокот на каросеријата.
Инженерите на АМГ укажуваат дека подобрување од само 1 бод (а тоа е за 0,001 помала вредност на коефициентот на отпор на воздих) за досегот и за потрошувачката е исто како автомобилот да е за 90 килограми полесен.
Посебна конструкција на подот го постигнува т.н. вентури ефект, при што каросеријата се прилепува кон асфалтот. Така се постигнува и оптимален притисок врз каросеријата, без потреба од спојлери што ќе ја уништат аеродинамичноста. Активниот заден спојлер остана спуштен при потфатот на Нардо, затоа што Икс Икс и без него постигнува висок притисок.

Нова конструкција на тркалата од 20 инчи со карбонски додатоци
Тркалата се контруирани посебно за Нардо, со избран пречник од 20 инчи, како најдобар баланс меѓу стабилност и низок отпор на воздух. Карбонските додатоци имаат различна форма во предните и во задните тркала. Ламелите во предните тркала го спроведуваат воздухот навнатре, додека задните го истиснуваат воздухот нанадвор. Тоа ја подобрува стабилноста, а нема и потреба да се користат целосно затворени тркала.
За рекордот на Нардо придонесе и новиот ултрабрз полнач од Алпитроник, којшто во просек ја полнеше батериајта на двата Икс Икс со моќност од 850 киловати. Алпитроник три месеци работеше за поставувањето на станицата за полнење на тркачката патека, со моќност од 2,5 мегавати.
Плазма активатори место масивни спојлери?

Технологија што Мерцедес-АМГ првпат ја користеше успешно кај АМГ ГТ Икс Икс се плазма активаторите, односно „аеродинамичност преку жица“. Во основа, со оваа фантастична техноогија се заменува изведувањето завршен раб во опашот, што е клучен за аеродинамичнсота. Како функционира системот?
Плазма активаторот се состои од две асиметрично поставени електроди, што се одвоени со диелектричен слој и поврзани се со различни делови од конструкцијата на возилото. При доведување наизменична струја со висока фреквенција во електродите се создава електрично поле и слабо јонизиран воздух, односно плазма.
Јоните се движат забрзано низ електричното поле, што предизвикува судирање на честичките, што понатаму го пренесува импулсот од јоните врз околниот неутрален воздух. На тој начин се произведува струење на воздухот, без да се користат спојлери. Активаторите се незабележливи и може да се прелакираат. За оваа технологија да се примени во сериски автомобил, ќе минат уште неколку децении.
















