Во минатата година пристигна зголемен број електрични модели на тестовите за безбедност на Еуро НКАП. Тоа беше и можност да се утврди дали електричниот погон менува нешто во поглед на безбедноста на автомобилите. Експертите се задоволни. Кои модели беа најдобри на тестовите?
Конзорциумот Еуро НКАП, во чијшто состав влегуваат најголемите автомобилски клубови и владини агенции што ги засега безбедноста на автомобилите, во минатата година имаа повеќе работа од кога било досега, поради зголемениот број на нови модели на пазарот.
Највисоки оцени според сите критериуми и во конкуренција на сите класи, освои Мерцедес-Бенц ЦЛА. Новата генерација на купе-лимузината што на тестот беше во електричната изведба – неодамна започна продажбата на хибридниот модел – покажа одлична заштита во сите четири категории: Заштита на возрасни патници, на деца, на пешаци и велосипедисти, како и во системите за асистенција. Истото беше случај и со претходната генерација на ЦЛА, којашто во 2019 година победи во класата.
Меѓу остантите модели што се издвојуваат во своите класи се МИНИ Купер Е, Тесла Модел 3 и Тесла Модел Ипсилон, смарт број 5 и Полстар 3.
Победникот во сите класи се добива со земање предвид на освоените бодови во секој критериум посебно, со тоа што одредени подрачја добиваат повисока тежина во донесувањето на крајната оцена. Титулата на најбезбеден автомобил може да ја понесат само модели што биле понудени на тест со стандардната опременост, без дополнителни системи.
Според др. Микиел ван Раринген, генерален секретар на Еуро НКАП, наградата за најдобар модел во класа им помага на возачите при изборот на модел.
Трката за највисоката награда сепак беше тесна. Мал е заостатокот на Тесла, додека новите играчи, од рангот на кинески Фајерфлај или Липмотор, се сведоштво дека продолжува да расте конкуренцијата од сите страни на светот.
Најдобри резултати на тестовите и победник во компакт класата: Мерцедес-Бенц ЦЛА
Новата генерација на ЦЛА ги одушеви судиите со речиси совршени перформанси во заштитата на возрасни патници, како и во највисоката оцена за заштита на пешаци и велосипедисти, благодарејќи на активната хауба и усовршените системи за асистенција. Претходната ЦЛА исто така беше најдобра во класа во 2019 година.
Најдобар мини и градски автoмобил: МИНИ Купер Е
Електричното МИНИ докажува дека и малечките автомобили можат да бидат големи на тема безбедност. И покрај малите димензии, Купер Е покажа цврстина на каросериската структура при судир и со тоа освои највисоки оцени во класата.
Најдобар семеен автомобил: Тесла Модел 3
Освежената Тесла Модел 3 и натаму е водач во безбедноста. Моделот освои високи оцени во сите подрачја, а посебно одушеви со заштитата на децата. Експертите го ценат и напредокот кај системите за асистенција.
Најдобар малечок СУВ: Тесла Модел Ипсилон
Најпродаваниот модел на Тесла се придружува на Модел 3 во безбедноста и покажа најдобри резултати во класата, најмногу издвојувајќи се во заштита на деца и во системи за асистенција.
Најдобар голем СУВ: смарт број 5
Новодојденецот во сегментот на СУВ остави добар впечаток кај експертите на Еуро НКАП со одлични резултати што се вредни за 5 ѕвезди, докажувајќи дека марката што се прочу со микро автомобили, умее да направи и безбедни СУВ.
Најдобар модел од виша класа: Полстар 3
Полстар 3 ја продолжува репутацијата на шведската марка што е произлезена од Волво и ги надмина конкурентите во вишата класа. Одушевија структурната цврстина, заштитата на деца и напредните технологии што се користат во системите за асистенција.
Експертите ја заклучија серијата тестови во минатата година со оцената дека електричните автомобили не само што не заостануваат зад моделите со мотор со внатрешно согорување, туку честопати се подобри.
















