за

Mercedes умее да престигнува автоматски

Со претстојниот почеток на продажбата на новата E-Class, Mercedes-Benz воведува функција на автоматско престигнување – не се чека наредба од возачот.

Системот за асистенција Distronic, што веќе масовно се вградува во моделите на Mercedes-Benz, наскоро ќе биде надополнет со функцијата на автоматско престигнување. Станува збор за способност што спаѓа во подрачјето на автономно возење.

Од систем за автономно возење од Ниво 2, познатиот Distronic наскоро станува систем од Ниво 2+. Штутгарт го темпира додавањето на новиот систем во својата понуда точно со претстојниот старт на нарачките за новиот Mercedes E-Class.

Новиот систем се води како Automatic Lane Change (ALC) – на германски Automatische Spurwechsel или автоматско менување лента – и ќе работи на автопатишта со јасно исцртани ленти и физички одвоен простор меѓу двете насоки на автопатот.

Во САД и Канада веќе се нуди овој систем, во гамата на C-Class, E‑Class и S-Class, како и во сите електрични модели од семејството EQ.

Функцијата ALC ќе биде составен дел од активниот асистент за одржување растојание Distronic, во верзијата со активен асистент за управување. Кога напред има побавно возило, Mercedes со ALC самостојно го почнува престигнувањето, во подрачјето на брзини меѓу 80 и 140 километри на час. Услов е лентите да бидат јасни и да постои доволно простор за престројувањето и престигнувањето да се изведат безбедно. Дополнителен услов е возилото да располага со MBUX-навигација.

ALC не чека возачот да му нареди да престигнува, системот препознава кога има услови за тоа и целосно самостојно го почнува и го завршува престигнувањето.

Бидејќи мора да се задоволат строгите правни рамки во Европа, возачот мора да ги држи дланките на воланот.

Автономното возење и системите за асистенција веќе долго време се нова „занимација“ на техничарите на Mercedes-Benz, Штугарт вложува многу во оваа технологија. Марката со трикраката ѕвезда прва во светот доби одобрение за автономно возење од високо напреднато ниво со глобална важност, за својот Drive Pilot (Ниво 3). Автоматизацијата функционира и при паркирање, тоа е работа на системот INTELLIGENT PARK PILOT.

Неколку технологии што Mercedes-Benz ги има воведено прв во автомобилското производство:

  • ABS (1978 година, S-Klasse W 116)
  • Воздушни перници во комбинација со предзатегнували на ремените (1981 година, S-Klasse W126)
  • ESP (1995 година, S-Coupé C140)
  • Темпомат со самостојно одржување растојание DISTRONIC (1998 година, S-Klasse W220)

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Концернот на Peugeot и Fiat сака да произведе милион возила во Италија

Renault и Geely формираа заедничка компанија што ќе произведува мотори