Концернот на Peugeot и Fiat сака да произведе милион возила во Италија

Концернот Stellantis со своите 16 марки, постигна договор со италијанската влада, за годишната продукција во Италија да се зголеми на еден милион возила. Со тоа ќе се прекине трендот на намалување на продукцијата во последните години.

Stellantis во минатата година произведе помалку од 700.000 возила во Италија, а истото беше случај и во 2021 година. Причина за тоа беше кусокот од микрочипови и други компоненти, којшто ја погоди индустријата во светски размери.

Производителот на Peugeot, Citroen, Opel, Fiat, Jeep, Alfa Romeo, во понеделникот објави дека планира да додаде петти модели во портфолиото на фабриката во Мелфи, во јужна Италија. Концернот претходно потврди дека во фабриката ќе се произведуваат четири модели.

Извршниот директор нa Stellantis, Карлос Тавареш, во понеделникот одржа средба со италијанскиот министер за индустрија Адолфо Урсо во Рим. Тие се сложија околу неопходноста да се зголеми продукцијата во земјата, во домот на неколку марки на концернот Stellantis, вклучувајќи ги Alfa Romeo и Maserati.

Според синдикатот на FIM-CISL, продукцијата на Stellantis во Италија годинава ќе се зголеми на околу 800.000 возила. Fiat Chrysler, којшто во 2021 година се спои со францускиот PSA, за да го создаде Stellantis, последен пат произведе преку еден милион автомобили во Италија во 2017 година.

„Уверен сум дека … ќе создадеме услови, за во следните две години прво да го запреме назадниот тренд во бројот на произведени возила, а потоа и да го трасираме патот за да произведеме еден милион возила во Италија“, наведува Тавареш во објавата.

Во планот се вклучени повеќе фактори, меѓу кои и пазарните предвидувања, достапноста на возилата, влијанието на нормата за издувни гасови Еуро 7 и субвенциите со коишто ќе се поттикне конкурентноста на Италија, на пример во цената на струјата, објавуваат од Stellantis.

Кој е петтиот модел ?

Stellantis не открива кој ќе биде петтиот модел од фабриката во Мелфи. Во шпекулациите коишто доаѓаат од добавувачите се спомнува дека тоа би можело да биде наследникот на Jeep Compass. Компактниот СУВ на американската марка во тековната генерација се произведува во Мелфи, вклучувајќи ја и изведбата со приклучен хибриден погон.

Моделите што ќе се произведуваат во Мелфи „ќе бидат премиум модели со висока спецификација, конструирани врз новата платформа STLA-M што беше претставена во минатата недела,” стои во соопштението од Stellantis.

Платформата STLA-M ќе служи како основа за најмалку два милиони електрични возила годишно, за модели од марките Alfa Romeo, Citroen, Chrysler, DS, Jeep, Opel и Peugeot. Првиот модел врз новата платформа стартува веќе годинава, тоа е новата генерација на Peugeot 3008 SUV.

Stellantis за својата нова платформа кажува дека таа е „BEV by design“, односно е конструирана првенствено за моделските изведби со целосно електричен погон. Во најнапредната изведба, моделите врз таа платформа ќе постигнат досег до 700 километри.

Четирите модели што од претходно беа најавени за фабриката во Мелфи се два модели на DS Automobiles, еден модел под марките Opel/Vauxhall и еден модел на Lancia.

Претходна објаваБез субвенциите, Германците не сакаат да слушнат за приклучни хибриди
Следна објаваMercedes умее да престигнува автоматски

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here