Повеќе од 1.000 КС, чистокрвна техника од кралицата на мотоспортот и перформанси од некој нов свет. Спортската сестра на Mercedes ги објави првите детали за хиперавтомобилот кој ќе биде поразличен од било што пред него. Според Mercedes-AMG, идниот Project One ќе биде прв автомобил со хибридна техника од формула 1, којшто ќе може да се вози во редовен сообраќај.
Project One е развојното име на хиперавтомобилот со когошто Mercedes-AMG ќе го стави во сенка елитното трио Ferrari LaFerrari, McLaren P1 и Porsche 918 Spyder. Ветувањата на спортската ќерка на Mercedes не се напразни. Во Project One ќе работи хибридниот погон од актуелниот болид во формула 1, со моќност поголема од 1.000 КС, во комбинација со тежина од исто толку килограми, што ќе даде тежински сооднос 1:1, како гаранција за врвни перформанси.
Мотор V6 од 1,6 литар со трикратно турбонатполнење и три електромотори
Нема да биде изненадување и ако Project One се појави со 1.300 КС и 1.300 килограми, како што се шпекулираше досега. За оваа импресивна моќност да се постигне, во хиперавтомобилот ќе работат четири погонски единици. Шестцилиндарецот од 1,6 литар и трикратно турбонатполнење, преземен директно од болидот во формула 1, ќе работи во комбинација со три електромотори, од кои два за предната оска. Со тоа, Project One ќе располага со погон на сите тркала, но и со управување на сите тркала и активно подвозје што ќе ја регулира работата на секое тркало одделно.
Карбонската школка е неизоставна, а на тоа се надоврзува и активна аеродинамика, којашто од една страна ќе има задача да го обезбеди потребниот потисок, а од друга страна да асистира при запирањето. Дизајнот ќе биде во стил на легендарниот Mercedes SL од 1950-те години, секако вклучувајќи ги и крилестите врати.
Околу цената се шпекулира вредност од два милиони евра. Серијата е речиси распродадена. Премиерата на Project One се очекува на салонот во Франкфурт во септември.
















