Mercedes-AMG GT R: Овој е излезен од „Зелениот пекол“

Моделите што се произлезени директно од тркачките болиди и се минимално над прагот за добивање право на регистерска табличка моментно уживаат огромен интерес кај купувачите. Mercedes-AMG го следи трендот и го нуди спектакуларниот GT R.

Од најпредизвикувачката тркачка патека во светот, директно на улица. Mercedes-AMG GT R е досега најекстремниот сериски автомобил што има закачено ѕвезда во маската, во поглед на тркачката технологија вградена во него. Спортската марка од Афалтербах изврши темелна модификација во подвозјето, ја преработе аеродинамиката и ја смали тежината на секој можен дел, за да извлече максимум од двоседот со мотор зад предната оска. Осумцилиндарецот со битурбонатполнење во GT R е навиен на 585 КС.

За потеклото на болидот да биде уште појасно, AMG го лакира спортското купе во ексклузивна боја „green hell magno“, како асоцијација на Северниот јазол на Нирбургринг, познат и како „зелениот пекол“, кадешто GT R го помина најголемиот дел од развојот. Проширените крила не се само за украс, туку се неопходност заради зголемената трага на обете оски.

Mercedes-AMG GT R

Новиот преден браник со активни елементи, големиот заден спојлер и исто така новиот заден спојлер со двоен дифузор ја зголемуваат ефикасноста на аеродинамиката, вршејќи дополнителен „притисок“ врз каросеријата. Лесните ковани бандажи стандардно следуваат со тркачки гуми. Тоа што не се гледа, но солидно ќе се почувствува во возењето се активното управување на задната оска, деветстепената контрола на тракција и навојното подвозје со електронска контрола.

Почесното место на GT R во понудата на Mercedes-AMG го нагласува и новата маска AMG Panamericana. Оваа маска со карактеристична форма и вертикални пречки доаѓа од тркачкиот Mercedes-AMG GT3 и за првпат се вградува во сериски модел. Основната форма на маската потекнува од тркачкиот 300 SL кој победи на легендарната Панамерикана во Мексико во 1952 година.

Технички податоци Mercedes-AMG GT R
Мотор 4,0 V8 со директно впрскување и битурбо натполнење
Зафатнина 3982 ccm
Моќност 585 КС при 6250/min
Вртежен момент 700 Nm при 1900-5500/min
Погон назад
Менувач AMG SPEEDSHIFT DCT 7‑степен менувач со двојна спојка
Потрошувачка град / пат / просек  

15,0/9,2/11,4 l/100 km

Тежина 1630 kg
Тежински сооднос 2,79 kg/КС
Забрзување 0-100 km/h 3,6 s
Крајна брзина 318 km/h

Инженерите применија еден иновативен трик, којшто е „сокриен“ во облогата под моторот. Станува збор за карбонски елемент со тежина од два килограми, којшто при брзина над 80 km/h и активиран тркачки модус се спушта автоматски за 40 милиметри и го произведува таканаречениот вентури-ефект. Како резултат од тоа, асфалтот буквално го вшмукува автомобилот, со што се постигнуваат спектакуларни возни својства.

Каросеријата во опашот е поширока за дури 57 милиметри

Следен елемент во активната аеродинамика се вертикалните ламели директно зад предниот браник. Ламелите се отвораат или затвораат преку електромотор за околу една секунда. Нивната функција е да обезбедат дополнително струење на воздух за ладење само кога тоа е неопходно, односно се отвораат кога сензорите ќе регистрираат температура над дозволениот максимум. На тој начин се минимизира нарушувањето на оптималната аеродинамика за потребите на ладење на моторот или сопирачките.

Mercedes-AMG GT R

Предните крила се изработени од суперлесен карбон и ја прошируваат каросеријата за 46 милиметри, оставајќи простор за зголемената трага на тркалата и за зголемената ширина на самите тркала. Предните бандажи имаат димензија 10,0 Ј х 19 и офсет од 56 милиметри, задните 12,0 Ј х 20 и офсет од 52 милиметри. Десеткраките бандажи се развиени посебно за GT R и се одликуваат со екстремно ниска тежина. Страничните панели од алуминиум исто така се модифицирани и обезбедуваат 57 милиметри повеќе простор за задните тркала.

Динамично  деби на GT R на Фестивалот на брзината во Гудвуд

Двојните триаголни водилки на предните и задните тркала се изработени од кован алуминиум заради сведување на небалансираните сили на минимум. Детал од мотоспортот се унибал зглобовите на долните водилки од задната оска, со функција да прецизноста на геометријата на подвозјето да се задржи и при екстремни услови.

По светската премиера пред Mercedes-Benz World, спортскиот двосед се појави и на традиционалниот фестивал на брзината во Гудвуд. Нарачките стартуваат во втората половина од ноември, а испораката ќе следува од март следната година.

[FAG id=24950]

Претходна објаваЛорд Марч е првиот аматер што се соочил со монструмот од Bugatti
Следна објава„Дизелгејт“ го погодува и Chevrolet: Тужба за дизелот од Opel

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here