за

Mercedes-AMG E 63 4Matic+: Овој E-Class е тешко да се победи

Новиот E-Class досега беше најинтелигентна бизнис лимузина во светот, а отсега станува и најсилен E-Class на сите времиња. Со 612 КС и погон на сите тркала, Е 63 S забрзува до сто за вртоглави 3,4 секунди и во „ослободената“ изведба вози до 300 km/h. На тоа се надоврзуваат пневматска амортизација, 9-степен MCT со влажна спојка и специјално дотерување на погонот 4Matic.

Mercedes го извлече максимумот од четирилитарскиот V8 за екстремната изведба на E-Class. Со 612 КС, новиот Mercedes-AMG E 63 4Matic+ во верзијата S е најсилен E-Class на сите времиња. Секако дека со тоа следува и титулата на најбрза бизнис-лимузина во сегментот: 3,4 секунди до сто се вредност на суперспортски автомобил. Деветстепениот спортски менувач AMG Speedshift MCT за првпат е комбиниран со влажна спојка за поаѓање, заради уште побрза реакција.

Спринтот до сто трае покусо отколку што е потребно да се изговори ознаката

Важен момент е комплетно новиот погон на сите тркала AMG Performance 4Matic+. Досегашните изведби на погонот на сите тркала во спортските модели на AMG имаа нагласок на задната оска. Новиот 4Matic за првпат го распределува вртежниот момент целосно варијабилно меѓу предната и задната оска, со што се постигнува тракција колку што дозволуваат физичките закони.

https://www.flickr.com/photos/127653547@N06/30561062106/in/dateposted-public/

Со зафатите во надворешната појава, E 63 4Matic+ и E 63 S 4Мatic+ не оставаат простор за сомнеж за кои модели станува збор. Покрај вообичаениот третман, лимузината доби нова маска со двојна ламела во сребрена боја и хауба што е вградена во стил на купе-моделите. Целиот преден дел од возилото е преработен во споредба со стандардниот E-Class, вклучувајќи и крила проширени за по 17 милиметри. Под нив се вртат гуми со димензија 265/35 ZR 20 напред и 295/30 ZR 20 назад, на бандажи 9,5 J x 20, односно 10 J x 20.

Со доплата за „возачкиот пакет на AMG“ лимузината продолжува до 300 km/h

Четирилитарскиот V8 со битурбо натполнење достигна нов врв во E 63 S со 612 КС и вртежен момент од 850 њутнметри меѓу 2.500 и 4.500 вртежи. Тоа резултира со забрзување до сто за 3,4 секунди во верзијата „S“ и крајна брзина од 300 километри на час со опционалниот „возачки пакет“. Во стандардната верзија, E 63 вози со 571 КС, но сé уште е способна за 3,5 секунди до сто, исто како и за 300 km/h со опционалниот пакет.

Дополнителната моќ на 4,0 V8 е постигната со примена на турбокомпресори Twin-Scroll. Сменети се и клиповите, оптимирани се вшмукувањето на воздухот и интеркулерите, софтверот е модифициран. За екстремниот спортист да го оправдаат пред еколошките власти, инженерите применија исклучување на цилиндрите во E 63, по пример на SLK 55. При помало оптоварување се исклучуваат вториот, третиот, петтиот и осмиот цилиндар, со што спортистот може да прикаже вредност на потрошувачка од 8,9 литри на сто километри.

https://www.flickr.com/photos/127653547@N06/29965598734/in/dateposted-public/

Новитет е погонот на сите тркала AMG Performance 4MATIC+, при што „плусот“ се однесува на комплетно варијабилната распределба на вртежниот момент, односно можноста тој целосно да се распредели на задната оска или да варира во сооднос кој овозможува најдобра тракција според условите. Покрај оптимирана тракција и странична стабилност, 4Matic+ се грижи и за надолжната динамика, односно за уште помоќно забрзување.

Варијабилна распределба на погонот на сите тркала – само заради „дрифт“

Целиот овој зафат беше извршен само со цел да се задржи способноста на спортската лимузина за „дрифт“. Во програмата „Race“ може да се активира овој специјален модус, кога E 63 вози како да има само заден погон, со надуправување и со исклучена контрола на стабилноста. Деветстепениот менувач AMG Speedshift MCT доби нов софтвер за скусено префрлување меѓу степените, брзо враќање со прескокнување на повеќе степени и функција на „меѓугас“, чисто заради возачко доживување во стил на старите времиња. Влажна спојка за поаѓање го заменува претворачот на вртежен момент, со што се заштедува тежина и се подобрува реакцијата, особено при спринт.

На возачот му стојат на располагање четирите програми на AMG DYNAMIC SELECT, односно „Comfort“, „Sport“ , „Sport Plus“ und „Individual“, коишто соодветно влијаат врз моторот, менувачот, подвозјето, управувањето, контролата на стабилноста и погонот на сите тркала. Посебност е тоа што подвозјето може да се избира одвоено. Верзијата E 63 S дополнително располага и со модус „Race“, кога сите параметри се дотерани за тркачка патека.

Во подвозјето се извршени преправки по пример на AMG GT R

Голема подршка за спортските таленти пристига и од подвозјето со пневматска амортизација, како и од суспензијата. Предните тркала имаат четири водилки од кована алуминиумска легура, додека назад работи комплетно преработена задна оска во споредба со стандардниот E-Class, меѓу другото со оптимирана еластокинематика, поголем негативен затур и цевен стабилизатор по пример на AMG GT R.

Пмевматската амортизација со трикоморен систем овозможува избирање на тврдоста со вклучување и исклучување на одделните комори, зависно дали возачот во моментот бара повеќе комфор или екстремен сетап за трка. Независно од моментно избраната програма, при нагло сопирање, во брзи свијоци и при силно забрзување, соодветно се скрутува предната или задната оска, за спречување на клатењето на каросеријата и за стабилизација на возилото.

Вообичаено за Mercedes, екстремните моделски верзии пристигаат прво во специјална серија Edition 1, којашто ќе биде достапна во следните 12 месеци, со повеќе ексклузивни детали во изгледот и опремата. Светската премиера ќе се одржи на салонот во Лос Анџелес на 16-ти ноември, нарачките стартуваат точно два месеца подоцна, испораката следи во почетокот на март.

[FAG id=25987]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes X-Class пристига кон крајот на следната година

BMW со нов филм: Бркотница со новата серија 5 и Клајв Овен