Вкупно 18 модели, почнувајќи од класите А и C, вклучувајќи ги и моделите од класите Е CLS, и SLS ќе пристигнат како новитети во салоните на Mercedes во текот на летово.
Спортската ќерка на Mercedes ќе пушти 18 нови модели во продажните салони на дилерите. „Продолжуваме со перформанси, динамика и со растеж. A 45 AMG ќе привлече нови купувачи и ќе освои нови пазари. SLS AMG Coupé Black Series и SLS AMG Coupé Electric Drive ги прикажуваат актуелните граници на техниката во развојот на уникатни суперспортски автомобили“, објаснува Ола Келениус, шеф на AMG.
Основата на понудата на спортски модели ја сочинува A 45 AMG, по германска цена од 49.683 евра, со која што AMG за прв пат зачекорува во сегментот на компактните возила. На спротивниот крај е SLS AMG Coupé Electric Drive, првиот електроболид на AMG и најбрзо возило со погон на струја во светот. Со цената од 416.500 евра, електричниот SLS го заменува и G 65 AMG, кој досега беше најскап со 264.180 евра. Неодамна овој модел постигна рекорд на круг на Северниот Јазол на Нирбургринг, со време од 7:56,234 минути. Не постои друго сериско возило со погон на струја што досега ја извозело легендарната патека за помалку од осум минути.
Во следните пет години ќе следува натамошно проширување на моделската понуда на спортската марка AMG, со цел годишната продажба да се зголеми на преку 30.000 возила. Моментно AMG продава 20.000 возила за година. Во моделската офанзива спаѓаат и разни верзии на AMG на моделите од класите C и E, како и на купето со четири врати CLS.