Според продажните бројки за минатиот месец, Mercedes продолжува да ја зголемува продажбата со уште поубедливо темпо. Ефектот од пристигањето на новата E-Class штотуку почнува да се чувствува.
Мајската продажба на Mercedes на глобалниот пазар забележа раст од 12,9 проценти во споредба со истиот месец лани, со 170.625 возила. Тука веќе почнува да се покажува ефектот од новата E-Class, којашто стартуваше со продажба во почетокот на април. Големата лимузина и еден од носечките столбови на марката од Штутгарт, во моментов бележи најголем раст во продажбата.
Паралелно се зголемува и продажбата на мини-марката Smart, со 12.822 продадени примероци и плус од 15,1 проценти. Со тоа, двете автомобилски марки на концернот Daimler во мај продале за 13 проценти повеќе возила отколку во истиот месец лани, односно 183.447 возила.
Фантастичниот продажен тренд во Кина продолжува: +38,9 проценти
Продолжува и фантастичниот продажен тренд на Mercedes на кинескиот пазар, кадешто во мај се продале за 38,9 проценти повеќе возила во споредба со ланскиот месец. Наспроти тоа, пазарот во САД за марката со сребрената ѕвезда се скусил за еден процент. Причина за тоа е исчекувањето на стартот на новата генерација на E-Class. Од почетокотна годинава, Daimler на глобалниот пазар испорача 878.538 возила или за 12,7 проценти повеќе отколку пред една година.
















