Марката од Штутгарт планира инвестиција од половина милијарда евра во полскиот Јавор. Со фабриката за мотори продолжува експанзијата на производствениот синџир. Лани Mercedes произведе рекордни два милиони автомобили.
Daimler ќе вложува петстотини милиони евра во изградба на нова фабрика во Полска, во гратчето Јавор, лоцирано во регионот на Долна Шлезија. Во новата фабрика се планира производство на бензински и дизел мотори со четири цилиндри за патничките модели на Mercedes. До реализацијата на плановите преостанува да се исполнат уште неколку услови, коишто главно се поврзани со одобрувањето на даночни олеснувања од страна на полските власти. Новата фабрика би започнала со работа веќе во 2019 година.
Mercedes ги произведува своите мотори и компоненти од погонската спрега во неколку германски и странски фабрики, коишто се под контрола на матичната фабрика во Унтертиркхајм. Во овие погони во близина на Штутгарт се произведуваат мотори, менувачи, оски и компоненти за истите. Берлинската фабрика е задолжена за развој на нови технологии и производство на компоненти што произлегуваат од истите, како и за производство на мотори. Во Хамбург се работи на развој и производство на оски и компоненти за оски, управувачки столбови, делови од издувен систем и структурни каросериски делови со намалена тежина. Од Келеда, во Тиринген, доаѓаат четирицилиндарски мотори за Mercedes и Mercedes-AMG.
Интернационалниот синџир за производство на мотори и погонска спрега го сочинуваат фабриката во Романија, фабриката во Пекинг, како и погоните на Infiniti во Тенеси, САД, кадешто се произведуваат четирицилиндарски бензинци во стратешката соработка меѓу Daimler и алијансата Renault-Nissan.
















