На салонот во Париз во почетокот на октомври, Mercedes ќе го прикаже својот прв електричен автомобил со голем досег. Тоа ќе биде прв во серијата модели што е можно да се води под посебна марка.
Парискиот салон на автомобили ќе биде историска пресвртница за концернот Daimler. Гигантот од Штутгарт ќе претстави три модели со електричен погон. Два од нив се веќе познати, станува збор за верзиите со електричен погон од Smart Fortwo и Smart Forfour, но третиот ќе биде вистинско изненадување. Шефот Дитер Цече сега и официјално потврди дека Mercedes на салонот во Париз ќе прикаже електричен автомобил со досег од 500 километри.
Планот е концернот да достигне продажба од 100.000 возила со електричен погон до 2020 година, вклучувајќи и плагин-хибриди. Веќе се шпекулира дека Daimler планира своите електрични возила во иднина да ги продава под посебна подмарка. Пред две недели, шефот на развој Томас Вебер ја најави новата стратегија на концернот Daimler во поглед на погонските решенија. Дел од стратегијата е вградување филтри за честички во бензинските мотори со директно впркување на гориво, развој на дизел мотори со екстремно чиста емисија, по пример на новиот дволитарец од E-Class, но и интензивирано преоѓање на алтернативни погонски решенија.
Моделите со електричен погон ќе се произведуваат на иста лента со „стандардните“ модели, место во посебна фабрика
За таа цел, Daimler разви посебна платформа за електрични автомобили, којашто во иднина ќе се користи како основа за цела серија од модели. Во овие модели ќе се вградува најнапредната генерација батериски модули што е расположлива во индустријата. За разлика од BMW, електричните автомобили на Daimler нема да се произведуваат во посебна фабрика, туку истите ќе бидат интегрирани во постоечките производствени линии, заедно со „стандардните“ модели.
Прв модел што ќе ја користи „електричната“ платформа ќе биде нов кросовер врз основа на GLC. Вообичаено за Mercedes, во Париз ќе биде прикажан концептен автомобил, чијшто дизајн ќе биде мошне близок до идниот сериски модел. До стартот на продажбата на електричниот кросовер со досег до 500 километри сепак ќе минат уште неколку години. Audi и Porsche веќе прикажаа концепти на спортски автомобили со електричен погон, чијшто сериски старт исто така се очекува најдоцна до крајот на деценијава.
Водородниот погон стартува во Mercedes веќе в година, со GLC F-Cell
Друга технологија ќе стартува порано. Горивната ќелија, како основа на водородниот погон, ќе доживее премиера во моделот GLC на салонот во Франкфурт в година, кој набрзо потоа ќе стартува и со редовна продажба. GLC во моментов е еден од носечките моделски серии во продажбата на Mercedes, што несомнено ќе придонесе верзијата со водороден погон GLC F-Cell да привлече повеќе внимание кај купувачите.
Во галеријата можете да ги погледнете фотографиите од неодамнешната презентација на концептот на GLC F-Cell.
[FAG id=24804]
















