за

Mercedes со полупремиера на C-Class Coupe во Калифорнија

Тоа што половина каросерија е маскирана, не спречува погледите да го следат новото купе на база на класата C на Mercedes при неговото премиерно појавување во јавност во Калифорнија.

Во Mercedes беа нетрпеливи да издржат до официјалната премиера на спортското купе од класата C на салонот во Франкфурт, па го пуштија новиот модел да продефилира по патиштата во Северна Калифорнија. Секако дека тоа е дел од стратегијата на пазарното воведување на C Coupe и знак дека Mercedes во иднина повеќе ќе му се посвети на овој модел, особено на пазарот во САД, каде што сé уште постои солиден интерес за елегантни купеа.

Спуштено подвозје, покрив понизок за четири сантиметри од лимузината

Меѓуоскиното растојание на C Coupe е исто како кај лимузината, но подвозјето е спуштено, а покривот е понизок за дури четири сантиметри. Линиите на каросеријата елегантно се спуштаат кон опашот, каде што покривот и опашот уште повеќе се вовлекуваат навнатре отколку кај лимузината. Под фолијата се наѕираат хоризонтално поставени диодни задни светла со форма што потсеќа на AMG GT и на купето од класата S.

mercedes c coupeШироките врати без рамка се стандард кај купеата, а за возачот да не мора да се истегнува наназад посегајќи по безбедносниот ремен, тој се „послужува“ преку електрично задвижуван држач. Арматурната табла е целосно идентична со лимузината од класата C и тоа е сосема во ред, затоа што со формите и со завршната изработка, овој модел од средната класа успеа да постави нови стандарди во споредба со конкурентите.

Патниците на задната клупа не треба да очекуваат просторна понуда како во лимузината. Назад има помалку простор отколку во купето од претходната генерација, па дури и багажникот е со помала зафатнина. Марката со сребрената ѕвезда свесно го направи овој компромис и се откажа од просторноста на задната клупа, само со цел да се нагласат спортската нота и елеганцијата на купе во формата на каросеријата.

Повеќе нагласок на спортските возни својства и уживањето во динамиката во возење

Пониското тежиште треба значително да ги промени чувството во возење и возните својства во споредба со моделот со четири врати. На тоа се надоврзуваат и спортски дотераното подвозје, оптимирано да понуди совршен контакт со подлогата, како и модифицираното управување од лимузинската класа C.

mercedes c coupeDaimler очекува Американците да пројават најголем интерес за моделската изведба од средината на понудата C 300 Coupe, со најсилниот четирицилиндарски мотор во гамата, во верзија со турбо-245 КС. За европскиот пазар повеќе ќе бидат интересни 1,6-литарскиот турбо-бензинец со 156 КС, дизелите, но и верзијата C 400 Coupe, со трилитарски V6 со битурбо натполнење и 333 КС. Вистинската спортска понуда почнува со C 450 AMG Coupe, со 367 КС, додека врвот е резервиран за Mercedes-AMG C 63 и четирилитарскиот битурбо V8, со 475 КС во „стандардната“, односно 510 КС во верзијата S.

Каросеријата на екстремните спортски верзии има претрпено толку многу модификации што техничарите на Mercedes ја сметаат како сосема различна изведба. Во страниците на каросеријата кај овие верзии нема речиси ниту еден заеднички дел со стандардните купеа.

Во развојот се применети искуствата од моделите на Mercedes-AMG

Во верзијата C 300 Coupe, забрзувањето до сто трае нешто помалку од шест секунди, а крајната брзина изнесува 250 километри на час. Податоците за перформансите на останатите модели засега не се објавуваат. Возачите што повеќе сакаат да имаат контрола врз менувачот, место да ја препуштаат работата на автоматиката, сепак ќе мора да се решат за послабите верзии.

Во развојот на C Coupe се опфатени искуствата од спортските модели на Mercedes-AMG. Целта на стратезите на марката беше токму тоа, спортскиот карактер на возилото да се нагласи повеќе, во комбинација со елеганцијата на формата на купе. Купувачите што бараат повеќе простор и повеќе комфор, ќе мора да причекаат до појавувањето на новата генерација на купето од класата Е.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Олдтајмер свеж од салон: Morgan AR Plus 4 за 65-годишнината

BMW најпопуларен кај германските апсолвенти, најголема плата во Porsche