Браншата се наоѓа пред најголемата пресвртница откако е измислен автомобилот. Како предводник на голем број трендови досега, Mercedes поставува нови директиви за иднината, според коишто подмарката EQ ќе нуди најмалку десет модели со електричен погон до средината од следната декада. Покрај тоа, се проширува и понудата на матичната марка со нови моделски изведби.
Четири главни струи ќе го одредуваат развојот на Mercedes во следните години: Конективност, автономно возење, јавно достапни возни паркови и електричен погон. Лани Mercedes ја презеде титулата на најпродавана премиум марка од конкурентот BMW. За предноста да ја задржи и во иднина, марката од Штутгарт ќе продолжи со проширување на понудата од модели. Од сегашните 33, бројот на моделски изведби ќе се зголеми најмалку на 40 до крајот на деценијава.
Mercedes GLB: На листата на чекање се наоѓаат и нови модели во „класичната“ понуда
Новите моделски варијанти нема да ги пополнуваат малите преостанати празнини во пазарната понуда, туку ќе станува збор за модели што ќе носат солидни продажни бројки. Покрај тоа, под новата подмарка EQ, којашто е специјализирана за електричниот погон и за револуционерни технологии, до 2025 година ќе се нудат најмалку десет модели со погон на струја.
Голем акцент на новата генерација модели со преден погон на база на A-Class
Голем акцент добива идната генерација модели со преден погон, односно наследниците на A-Class, B-Class, CLA, CLA Shooting Brake и GLA. Овие модели се од особена важност за Mercedes, затоа што ја поттикнуваат дизајнерската револуција и носат младешка радост во марката. Од стартот на актуелната генерација во 2012 година, Mercedes продаде над два милиони примероци од овие модели.
Вака би можело да изгледа следната генерација на A-Class
Дизајнот ќе продолжи да се развива во насоката што ја поставија новата E-Class и студијата EQ, чијшто изглед не се разликува премногу од серискиот модел што ќе се појави во 2019 година. Додека под марката со сребрената ѕвезда се појават првите автономни возила, односно автомобили што се управувани од автопилот, ќе мине подолго време. До 2025 година, Mercedes не планира да пушти во продажба автомобили со автономна технологија од највисоката категорија 5, што значи без педали и волан, од едноставна причина што технологијата прво мора да ја достигне потребната зрелост.
Дизелот останува во игра, но со скапи технологии за пречистување на издувот
Уделот на автомобили со погон на струја во проджбата на Mercedes ќе се движи меѓу 15 и 25 проценти до 2025 година. Остатокот од моделската понуда и натаму ќе користи конвенционални мотори со внатрешно согорување, но главно во комбинација со електромотор и батерии со надворешно полнење, односно со плагин-хибридна погонска техника. Дури по 2030 година може да се очекува електриката да го преземе приматот од обичните мотори.
Дизел моторите дотогаш остануваат во игра, но со скапа технологија, којашто ќе овозможи емисијата на штетни материи да ги исполни строгите норми што се поставени за 2021 година. Mercedes има инвестирано многу во дизел моторите, дел од имиџот на марката се темели врз нив, и тие нема преку ноќ да исчезнат од понудата на марката.

















