Меѓу класата А и Smart останува простор за уште една моделска серија на Mercedes. Партнерите Renault и Nissan ќе помогнат цената на моделот да остане под 20.000 евра.
Интересот за спортски автомобили и дебели лимузини опаѓа, светот сé повеќе бара малечки автомобили и кросовери. Овој дел од пазарот предизвикува главоболки во Mercedes, затоа што недостига модел меѓу Smart и класата А, модел од класата на Polo. Конкурентот Audi ја пополнува оваа празнина со A1, додека BMW го има Mini, а наскоро доаѓа и новата генерација на серијата 1 со преден погон. Mercedes мора да реагира.
Новата генерација на Smart со заден мотор не може да се продолжува по желба, а скусена и осиромашена класа А нема да постигне многу пониска цена. Единствен излез е соработка со партнерите Renault и Nissan. Како основа за идната класа Х, чијашто пазарна премиера може да се очекува во 2018 година, ќе послужи платформата на Renault Clio. Под хаубата ќе работи нова генерација мотори со три и четири цилиндри, развиена под сопствениот покрив. Mercedes планира да продава по 100.000 до 150.000 примероци од секој од обата модела на идната класа Х. Тоа е недоволно да се постигне цена под 20.000 евра. Токму тука доаѓаат на помош партнерите Renault и Nissan, со кои бројката ќе се зголеми на 1,5 милион возила. Производството на моделот ќе се одвива во земја со ниски работнички примања, а ќе се продава во цел свет.
Под хаубата ќе работи нова генерација бензинци и дизели со директно впрскување и турбонатполнење. Моторите со еден литар зафатнина ќе имаат три цилиндри, додека 1,5-литарските мотори ќе имаат четири. Менувачи со двојна спојка, хибриден погон и напредни системи за асистенција не доаѓаат в предвид, поради цената.
Компактните кросовери се барани на пазарот. Како прва варијанта на класата Х ќе биде претставен кросовер со должина од околу четири метри, со кого Mercedes ќе му конкурира на идниот Q2. Техничката основа на моделот ќе ја даде новата генерација на Renault Captur. Погонот на сите тркала во оваа класа не е задолжителен, повеќе се бараат лесна конструкција, приспособлива кабина и ниска потрошувачка. Претставувањето на кросоверот од класата Х ќе значи и крај на плановите за развој на Smart Formore, врз основа на Nissan Juke.
Околу вториот модел се размислуваат неколку варијанти: Малечка лимузина, класична комбилимузина во стил на класата А или смалена класа В. Последната варијанта би била најпогодна, затоа што Renault и Nissan имаат слични модели во понудата. Четири врати се задолжителни кај обата модела.