На американскиот пазар во последните години се води тесна битка меѓу Mercedes и BMW. Во 2011 и 2012 година победи BMW, но во минатата година Mercedes си го поврати првото место.
Германските престижни марки имаа возбудлива трка до последниот момент. На крајот, Mercedes ја заврши годината со 312.534 продадени возила, додека BMW заостана со 309.280 возила. За марката со сребрената ѕвезда, продажбата порасна за 14 проценти во споредба со предминатата година, што беше доволно за победа врз Баварците.
CLA е најголем пазарен успех во последните 20 години
Необично е тоа што порастот во продажбата во најголем дел се постигна преку компактната купе лимузина CLA. Според американските стандарди, ова купе со четири врати врз база на класата А е малечок автомобил, но очигледно е дека тоа им претставува пречка на купувачите кои традиционално се приврзани кон мотото „големото е убаво“. Според претставниците од филијалата во САД, станува збор „за најголем пазарен успех во последните дваесет години“.
Покрај CLA на северноамериканскиот пазар успева и класата S, додека класата E неодамна беше прогласена за најпопуларен автомобил на богатите Американци. Третата премиум марка од Германија не се квалификува за оваа трка. Во 2013 година, Audi продаде само 158.060 возила во САД, што е приближно половина од успехот на ривалите Mercedes и BMW. Далеку е подобар Lexus, со 273.847 продадени возила лани.