Специјалистичкото одделение на McLaren знае дека карбонот е слабост на клиентите на марката и нуди лимитирана серија од 675LT Spider со уште повеќе карбон, и тоа видлив карбон. Вообичаено, серијата е распродадена.
McLaren Special Operations најави лимитирана серија MSO Carbon Series LT, базирана на 675LT Spider. Вообичаено за британската марка, серијата од 25 примероци веќе е распродадена. Специјалистичкото одделение на McLaren на овој начин реагира на одушевеноста на публиката од верзијата на McLaren P1 којашто со видлив карбон на каросеријата беше прикажана пролетоска на салонот во Женева.

Верно на култот на LT, што е кратенка од Longtail и потекнува уште од времето на McLaren F1 од 1990-те години, MSO Carbon Series LT се одликува со смалена тежина и подобрена аеродинамика. Голиот карбон што само е превлечен со сјаен лак е уште една посебност на овој специјален 675LT Spider. Наспроти стандардниот модел, карбонот е користен и за покривот и капакот за него, за предните столбови, хаубата и задниот капак, праговите, предните и задните крила, па дури и за капакот на чепот на резервоарот. Стандардно следува телеметриски пакет, којшто се состои од три камери. Предните крила имаат и детали од GT3.
The #675LT lapped the @TopGear track in 1:13.7 putting it at the very top of the leader board. #McLaren #TopGear pic.twitter.com/L8YPhtElyz
— McLaren Automotive (@McLarenAuto) June 6, 2016
Со тоа, учеството на карбонски компоненти е зголемено за 40 проценти наспроти „обичниот“ 675LT Spider. Секако дека целата модифицикација не се сведува само на замена со карбон, туку се извршени и бројни структурни преправки, така што петстотините сопственици на 675LT Spider не можат да побараат MSO да ги замени компонентите и на нивниот автомобил – кој уште не им е ниту испорачан.
Под школката работи 3,8-литарски V8 битурбо, со непроменети 675 КС при 7.100 вртежи и 700 њутнметри при 5.000 вртежи. Забрзувањето до сто трае 2,90 секунди, а до 200 km/h се стига за 8,1 секунди. Крајната брзина е 326 km/h.
Производството на MSO Carbon Series LT започнува наесен, испораките следуваат веќе кон крајот на годината.
















