за

McLaren 570S е формула 1 болид за почетници

Да се поседува McLaren, никогаш не било евтино. Со пристигањето на новиот модел, ова правило се менува. Поседувањето McLaren никогаш не било поевтино. Но, тоа уште не значи дека 570S е евтин.

Ако пред 20 години McLaren F1 можеа да си го дозволат само мултимилионери и ако моделот 12C пред четири години исто така им беше достапен само на оние на коишто еден милион минус во контото не им менува премногу, за новиот 570S е доволно човек да се откаже од еден луксузен стан. На крајот на ноември, овој модел од новата „спортска серија“ ќе го означи стартот на третото моделско семејство на McLaren. Со 570S, влезот во британската марка одеднаш се спушта за 50.000 евра, на околу 180.000 евра. Напролет, со пристигањето на 540C, прагот ќе падне за уште 20.000 евра, што значи дека најевтиниот McLaren тогаш ќе биде достапен за „само“ 160.000 евра.

„Sports Series“ и 570S како најсилен модел во серијата е развиена со цел да се понуди суперспортски автомобил за секој ден
„Sports Series“ и 570S како најсилен модел во серијата е развиена со цел да се понуди суперспортски автомобил за секој ден, по пример на Porsche 911 Turbo или Audi R8

Тоа што 570S е најевтин модел на McLaren сигурно не значи дека во него нема да се ужива. Со исклучок на активната аеродинамика, тој е речиси идентичен со 650S, со потсмирен дизајн, но со истиот мотор V8, на кого што му се задржани неколку коњски сили. Разликата во споредба со Porsche 911 Turbo или Audi R8 е во тоа што 570S и натаму е автомобил од марката што е израсната на тркачките патеки и од сите марки најверно го пренесува искуството од формула 1 во своите автомобили.

Со моделот пристигаат многу нови моменти за McLaren. Во нормалниот модус, 570S веројатно би можеле да го возат и возачи-почетници, а со првиот систем старт-стоп во историјата на марката може да се води грижа и за штедливоста во возењето. Но, за таква примена може да се вози и Lexus. Причината што купувачите ќе го избираат овој модел сепак се возните својства и моќната подршка од агрегатот пред задната оска.

Најпрактичниот McLaren на сите времиња

Осумцилиндарскиот твин-турбо мотор од 3,8 литри располага со 570 КС при 7400/min, значи со 80 КС помалку од 650S, и со тежината на возилото од 1.313 „карбонски“ и „алуминиумски“ килограми, во комбинација со вртежен момент од 600 њутнметри, го катапултира 570S за 3,2 секунди до сто и за 9,5 секунди до двесте километри на час. Со малку трпение, забрзувањето ќе престане дури при 328 km/h.

Намерата на McLaren не беше да докаже дека неговиот најслаб модел и натаму е подобар од илјадници останати модели, туку да направи автомобил што ќе им се спротивстави на Porsche 911 или Audi R8 во нивната секојдневна применливост, односно да го направи „најпрактичниот McLaren на сите времиња“. Средишниот тунел низ кабината не е висок како кинески ѕид, воланот не е пренатрупан со сите оние прекинувачи и контроли, а за првпат во McLaren има и два бришачи за ветробранот, со касета пред совозачот и … со огледалце за шминкање во сонцобранот!

Неколку факти за McLaren 570S
  • Со карбонски монокок што тежи само 75 килограми, 570S е полесен за 140 kg од најблискиот конкурент
  • Сите модели на McLaren по F1 од 1990 година поседуваат крилести врати
  • Дури и рачките на ретровизорите учествуваат во спроведувањето на воздухот за ладилниците во задните крила
  • Како за возило што ќе се користи секојдневно, инженерите се погрижија за добра прегледност низ задното стакло – што е несвојствено кај автомобилите со средишен мотор
  • Најдобар тежински сооднос од 434 КС по тон тежина во класата
  • За првпат во McLaren се користат алуминиумски каросериски панели – евентуалната поправка при судир е поевтина и поедноставна отколку кај композитите во останатите модели
  • Прагот е потесен и понизок за 80 mm заради полесно влегување во кабината
  • Електро-хидруличната пумпа за сервоуправувањето се користи и за опционалното подигање на носот на возилото за 40 mm, при брзини до 60 km/h
  • Приспообливите амортизери поседуваат три модуси: нормален, спортски и тркачки
  • Монтажата е рачна, со 188 работни часови по автомобил и со тим од 370 врвни експерти
Технички податоци · McLaren 570S

McLaren 570S 3098613476ПЕРФОРМАНСИ

  • 0-100 km/h за 3.2 s
  • 0-200 km/h за 9.5 s
  • 0-400m за 10.9 s @ 220 km/h
  • Крајна брзина 328 km/h
  • Тежински сооднос 434 КС по тон

ПАТ НА СОПИРАЊЕ

  • 100-0 km/h за 33 m
  • 200-0 km/h за 126 m

МОТОР И ПРЕНОС

  • V8 Twin Turbo / 3,799cc
  • Моќност  570 КС @ 7,400 rpm
  • Вртежен момент 600 Nm @ 5,000-6,500 rpm
  • Пренос 7-степен менувач со двојна спојка
  • CO2 249 g/km
  • Просечна потрошувачка 10.7 l/100km
  • град – 16.5 l/100km
  • пат – 7.4 l/100km
  • Моторно масло Mobil 1 New Life™ 0W-40

ДИМЕНЗИИ И ТЕЖИНИ

  • Сува тежина 1,313 kg со опции за намалување на тежината
  • Распределба на тежина 42 / 58 %
  • Должина 4,530 mm
  • Ширина 2,095 mm
  • Висина 1,202 mm

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Овие штетни материи излегуваат од издувот на нашите автомобили

Градот ги враќа пијаните возачи бесплатно до дома