Британската марка произлезена директно од формула 1 лани продаде преку 1.600 возила, вклучувајќи 248 примероци од суперавтомобилот McLaren P1, што е апсолутен рекорд досега.
McLaren Automotive ја заврши ланската година со рекордна продажба откако компанијата стартуваше со производство на ексклузивни суперавтомобили во 2010 година. Вкупно 1.648 возила беа испорачани во целиот свет, што е зголемување од 21 проценти во споредба со 2013 година, кога автомобилската дивизија на McLaren за првпат забележа профит во работењето. Паралелно со растечкиот интерес за нивните возила, McLaren ја прошири и продажната мрежа со 14 нови салони, со што марката сега располага со вкупно 68 продажни локации низ светот.
McLaren во моментов е присутен на 30 пазари, вклучувајќи ги Чиле, Шкотска и Тајланд. Нови салони се отвораа и на пазарите на коишто марката веќе е присутна, односно во Кејптаун, Мелбурн, Тјанџин и други. Наголем пазар за McLaren се САД, кадешто се продава една третина од вкупната продукција. На салонот во Њујорк во април претстои премиера на новиот модел на McLaren, а по завршувањето на производството на P1 ќе следува уште поексклузивниот P1 GTR, наменет само за тркачките патеки.