Последната генерација на MX-5 веќе се нудеше во верзија со цврст покрив кој ги штитеше патниците од невреме. Сега и новата генерација има цврст покрив. Фановите би можеле добро да загризат на тарга-трикот.
Традиционалистите се најупорни кај марките и моделите што оставаат силен белег на автомобилската сцена. Тие секогаш ќе се противат и на најмалата измена во основниот концепт на моделот. Но, од друга страна, тука се и финансиските интереси на производителите, кои со надоградување на идејата гледаат да привлечат дополнителен круг купувачи. Екстралуксузната марка Bentley денес го има спортскиот теренец Bentayga, кој се продава и ќе се продава подобро од традиционалните модели на куќата, а ниту спортската и фина марка Maserati не можеше да му одолее на трендот на спортски теренци па и таа го нуди Levante.
Настрана спортските теренци. Фановите на култниот родстер MX-5 не бараат ништо друго освен платнен покрив кој со рака се навлекува врз кабината. Но, Mazda уште во претходната генерација понуди дополнителна родстер-купе верзија на MX-5 и таа имаше солиден помин кај публиката, со цврстиот покрив задвижуван од електромотори. Јапонците ја искористија оваа „слобода“ и од актуелната генерација на родстерот изведоа варијанта по пример на Porsche 911 Targa.
Генијална замисла и спектакл при движењето на покривот
Ознаката на новиот модел гласи MX-5 RF, при што кратенката се однесува на „Retractable Fastback“. Измената е во додавањето на масивни задни столбови што убаво се претопуваат во линијата на задните крила и создаваат различна силуета на каросеријата. Вистински спектакл се случува при движењето на покривот. Задните столбови се подигнуваат, покривот се преместува во линија со задната хауба, задните столбови се враќаат. Практично, атрактивно и со погоден дизајн.
Друга предност на решението е во тоа што не се одзема од 130-те литри простор во багажникот. Трансформацијата може да се случи и во возење, при брзина до 10 km/h и трае околу десетина секунди. Mazda уште не ја открива цената, којашто несомнено ќе биде повисока отколку на класичниот родстер. Специјално за тарга-верзијата е изведена и нова трислојна боја за каросеријата, којашто се состои од три слоја, со цел да се добие длабински ефект како кај најпрестижните марки.
Должината на каросеријата останува непроменета, што значи 3,91 метри. На европскиот пазар, RF веројатно ќе се нуди само во верзија со посилниот мотор, дволитарецот со 160 КС. Купувачите ќе имаат можност да нарачаат и шестстепен автоматик. Продажбата стартува во почетокот на следната година.
















