Моделската офанзива на Mazda најавува кулминација на претстојниот салон во Женева. Еден од најважните новитети со европска премиера на салонот е компактниот кросовер CX-3.
За половина година, Mazda успеа да лансира дури пет нови модели. Еден од најважните новитети за европскиот пазар е кросоверот CX-3, како прв модел на Mazda во сегментот на Renault Captur & Co, кадешто продажбата расте вртоглаво. Заедно со кросоверот доаѓаат новата генерација на Mazda2, којашто воедно ја нуди и основата за CX-3, култниот родстер MX-5, како и освежените моделски генерации на Mazda CX-5 и Mazda6.
Централното место на штандот на Mazda во Женева е резервирано за европската премиера на CX-3, првиот малечок кросовер на марката. Вообичаено за сегментот, моделот ќе се нуди во верзии со преден погон и погон на сите тркала, со штедливите мотори од генерацијата Skyactiv и препознатливиот дизајн „Кодо“. Продажбата на кросоверот на база на Mazda2 ќе стартува веќе во почетокот на летото.
Долгоочекуваната четврта генерација на најпродаваниот родстер на сите времиња, Mazda MX-5, ќе биде втората атракција на салонот во покрај езерото Леман. Светската премиера на родстерот се одржа во септември, а почетокот на продажбата е најавен за наесен. Главна карактеристика на MX-5 е лесната конструкција, во пресрет на оригиналната идеја при лансирањето на првата генерација пред 25 години.
Mazda2 се вмешува во жешката конкуренција во Б-сегментот, кадешто во моментов жари и пали новата Skoda Fabia. Јапонците вградуваат софистицирана опрема во малечкиот модел, вклучувајќи меѓу другото и проекциски дисплеј, којашто досега беше вообичаена за повисоките класи. Новата „двојка“ веќе ја освои титулата за автомобил на годината во Јапонија, а освои и „Златен волан“.
Лимузината и комбито од средната класа влегуваат со фејслифт во новата моделска година. Освен во дизајнот на каросеријата и во кабината, Mazda6 и Mazda CX-5 доживеаја освежување и во безбедносната опрема, вклучувајќи приспособливи диодни светла, како премиера во марката. Mazda6 се нуди и во верзија со погон на сите тркала и проекциски дисплеј, додека новитет во понудата на погонски единици во CX-5 е моќниот 2,5-литарски бензинец Skyactiv-G.
За сите пет модели е достапен MZD Connect, напреден систем на Mazda за поврзување со мобилен телефон, исто како и активниот безбедносен систем i-Activsense.
















