Престижната италијанска марка сака повеќе да се меша меѓу народот. Quattroporte за прв пат е достапен со мотор со 6 цилиндри и со погон на сите тркала. Тоа ќе донесе нови купувачи. Ти благодариме за тоа Maserati!
Многу коњски сили и многу луксуз – тоа е рецептот според кој Maserati го развиваше својот Quattroporte во многуте генерации досега. Таков Maserati беше достапен само за најбогатите и најмоќните. Но, сега Италијанците решија да го направат возилото подостапно за поширок круг купувачи. Малку поширок круг.
Шефот на марката со тризабецот, Харалд Вестер, има план да ја зголеми продажбата од сегашните 10.000 на повеќе од 50.000 возила до 2015 година. За таа цел, фината марка мораше да ја напушти ексклузивната позиција на пазарот и да се симне од автомобилскиот Олимп – барем малку. За привлекување нови купувачи, за прв пат по две децении Maserati повторно го нуди Quattroporte со шестцилиндарски мотор. Дополнително, феудалната лимузина со впечатлив дизајн за прв пат вози и со погон на сите тркала.
На прв поглед, шестцилиндарскиот мотор со зафатнина од три литри, кој се произведува кај сестринската фирма Ferrari исто како моторот V8 од 3,8 литри, претставува разумен избор. Со цената од околу 110.000 евра, Quattroporte S Q4 е за околу една третина поевтин од посилниот модел со V8, а во исто време е поштедлив за два литра со просечна потрошувачка од 10,4 литри.
Секако дека и со моторот V6 не изостанува уживањето. Со 410 КС и 550 њутнметри, Q4 и натаму се вбројува меѓу најсилните луксузни лимузини на пазарот. Забрзувањето до сто трае 4,9 секунди, а крајната брзина е оставена неограничена на 283 километри на час.
Тоа што на помалиот мотор му недостига во бројот на цилиндри во споредба со поголемиот мотор, новиот модел во гамата на Quattroporte го надоместува со погонот на сите тркала. Овој погон ќе се користи и во идниот теренец кој ќе се појави под знакот на марката со тризабецот. При нормални услови на возење вртежниот момент се пренесува главно на задната оска, а ако тркалата пријават пролизгување, тогаш предната оска се вклучува во работа во рок од 150 милисекунди и ја распределува силата на моторот во пропорционален сооднос со задната оска.
Следната година Maserati ќе го понуди шестцилиндарскиот Quattroporte и во верзија со погон на задната оска, која ќе биде поевтина за околу 3.000 евра. Тоа не е сé што има да најави марката за следниот период. Шефот Вестер има големи надежи во новиот Ghibli, кој ќе се појави во салоните на марката по летните одмори и ќе конкурира во класата на Audi A6, серијата 5 на BMW и класата Е на Mercedes. Уште една година останува до лансирањето на теренското возило Levante. Заедничко за сите овие модели е моторот V6 и погонот на сите тркала. Очигледно е дека нов мотор и нов погон може да променат многу работи во марките.
[nggallery id=40]