Maserati Alfieri Concept за стогодишнината на марката

Италијанците го одбележуваат големиот јубилеј со концептот Alfieri, како најава на дизајнерскиот правец во којшто ќе продолжат да се развиваат идните модели на Maserati.

Концептниот автомобил од салонот во Женева го носи името на Алфиери, најистакнатиот меѓу браќата Масерати, кој пред сто години ја основаше Officine Alfieri Maserati во Болоња. Купето Alfieri е дело на млад тим дизајнери од сопственото студио на Maserati во Торино. За разлика од Quattroporte и Ghibli, како премиум лимузини со спортски перформанси, Alfieri повеќе сака да потсети на тркачките болиди на марката, како и на долгата традиција на егзотични купеа. Во неговиот дизајн се препознаваат детали од легендите 3500 GT од 1957 година, 5000 GT од 1959 и Indy од 1969 година, но основата на инспирацијата сепак доаѓа од Maserati A6 GCS-53 од 1954 година.

maserati alfieri 1

Како техничка основа е искористена шасијата на GranTurismo MC Stradale, со меѓуоскино растојание скусено за 24 сантиметри. Моторот е 4,7-литарски V8, атмосферски, со силина од 460 КС при 7.000 вртежи. Во шестстепениот роботизиран менувач е интегриран задниот диференцијал со механичка блокада и целината е споена со моторот преку кардан. Трансаксијалната конструкција, со мотор напред и менувач и погон назад, му обезбедува на купето оптимална распределба на тежината меѓу оските, со поголем акцент на задната оска.

maserati alfieri 2

Maserati влезе со голем успех во стотата година од постоењето. Претставувањето на новите генерации на Quattroporte и Ghibli ја трансформираше марката во сериозен играч во сегментот на премиум спортски автомобили. За само една година, продажбата се зголеми за 150 проценти, од 6.200 возила во 2012 година на 15.400 возила лани. За неколку години следува и спортскиот теренец Kubang.

Претходна објаваНова генерација на Audi TT: Сé е исто и сé е ново
Следна објаваAudi ТТ quattro sport concept во Женева: Два литра и 420 КС

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here