за

Maserati го намалува производството: Пазарот веќе се засити

Fiat ја намали продукцијата на Maserati поради големиот пад во продажбата, откако спортската марка лани забележа рекорден број на продадени возила. Планот да се достигнат 75.000 возила до 2018 година можеби ќе пропадне.

Во фабриката на Fiat во Груљаско отсега се работи во 10 место во 12 смени неделно. Погоните во близина на Торино ги произведуваат Ghibli и Quattroporte, најпродаваните модели на Maserati. Од компанијата предвидуваат дека продукцијата на спортската марка до крајот на годинава ќе достигне само 30.000 примероци. Лани Maserati имаше рекордна година, со 36.448 продадени возила, дури 137 проценти повеќе отколку во 2013 година. Најголем интерес имаше за моделот од вишата средна класа Ghibli, со 23.500 примероци, пред Quattroporte со 9.500 примероци. Двата останати модела во понудата, GranTurismo и GranCabrio, најдоа само 3.500 купувачи. Најголем пазар за марката лани беа САД со 12.943 возила (+172%).

Според плановите на шефот на Fiat, Серџо Маркијоне, Maserati треба да достигне продажба од 75.000 примероци до 2018 година, со вкупно шест модели во понудата. Како единствена шанса за остварување на планот останува најавениот престижен теренец Levante, но тој ќе стартува дури во почетокот на следната година. Производството на конкурентот на Cayenne ќе се одвива во фабриката на Fiat во Мирафиори. Лани марката му донесе на итало-американскиот производител Fiat Chrysler добивка од 275 милиони евра, наспроти 106 милиони евра во 2013 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Видео: Зошто нечие Lamborghini е подобро да остане во гаража

Од Сан Франциско до Њујорк: Низ цела Америка без возач зад воланот