Во британската спортска марка постојано наоѓаат нешто ново за работа. Evora доби повеќе коњски сили, неколку делови се од карбон и од целата серија ќе се изработуваат само по 150 примероци годишно.
Тоа што Lotus го понуди со новата моделска серија Evora Sport 410 сигурно нема да ги остави конкурентите без здив, но мора да се цени тоа што во британската работилница за спортски автомобили постојано се работи посветено, за нивните модели да бидат уште подобри. Претходно, Lotus изврши прецизни зафати во неколку модели и им одзеде неколку килограми вишок. Сега дојде редот тоа да се случи и кај моделот што имаше најголема потреба од одземање на вишокот, кај Evora 400.
Дури 70 килограми се „стопени“ и достигната е тежина од 1.325 килограми. Заедно со дополнителните десет коњски сили во 3,5-литарскиот V6 со механички компресор и ознаката на моделот што е сменета соодветно на тоа, Evora Sport 410 сега постигнува сооднос од 3,2 килограми по коњска сила. Тоа е вредност каква што се очекува од Lotus. Намалувањето на тежината е постигнато со упорна примена на карбон, но и со оптимирање на секој дел каде што е откриена нова можност за подобрување.
Секако дека перформансите се тоа што најверно ја докажува ефикасноста на работата. Evora Sport 410 спринтува до сто за 4,1 секунди, крајната брзина изнесува точно 300 километри на час. На сопствената патека на Lotus, новиот модел вози круг за 1,28 минута или три секунди побрзо од Evora 400. За тоа има придонес и модификацијата во дотерувањето на подвозјето што беше извршена соодветно на намалувањето на тежината.
Познавачите се свесни за разликата и знаат дека тоа што за Британците е 410, тука е 416 коњски сили. Моделот е планирано да се произведува во серија од 150 примероци годишно, кој сака да резервира примерок за себе, потребно е да издвои околу 80.000 фунти или нешто повеќе од 100.000 евра.
















