за

Lotus 3-Eleven: Екстремна тркачка машина за 135.000 евра

Помалку е повеќе. Токму според тоа мото се раководеа во Lotus при создавањето на новиот 3-Eleven. Тука нема простор за компромиси, сé што е вишок мора да се отстрани од возилото.

Одделението за мотоспорт на Lotus го претстави новиот 3-Eleven на „Фестивалот на брзината во Гудвуд“ во тркачка верзија за 135.000 евра и во улична верзија за 20.000 евра помалку. Екстралесниот родстер со драматичен дизајн е најскапиот и најбрз уличен модел на Lotus откако Колин Чепмен (1928-1982), легендарен конструктор во формула 1, ја основаше фирмата во 1952 година. Неговото кредо „помалку е повеќе“ остана јадро на марката специјализирана за бескомпромисни спортски автомобили.

[quote_box_left]За еден спортски автомобил да стане подобар, тој мора да биде само побрз и полесен. Новиот Lotus 3-Eleven ја носи оваа филозофија на ново ниво – и ги декласира многу поскапите конкуренти – Жан Марк Гале[/quote_box_left]

„Стандардната опрема“ во 3-Eleven е посветена само на задоволството во возењето: Управливост прецизна како жилет и блокада на диференцијал во замена на амортизери што обезбедуваат комфор за патниците, лесна конструкција место клима уред и електронски системи што му помагаат на возачот, како и одговорна будност на возачот во замена за сеопфатна покриеност со воздушни перници. Единствено што мораше да остане во возилото се АВЅ и контрола на тракцијата.

Дисплеј место инструменти, ремени со четири точки, противпожарен апарат и централен прекинувач - повеќе не треба
Дисплеј место инструменти, ремени со четири точки, противпожарен апарат и централен прекинувач – повеќе не треба

Лесната каросерија од композитни материјали е поставена врз алуминиумска шасија, а во средината на возилото работи 3,5-литарски V6 со механички компресор и 456 КС. Сето тоа се сервира во комбинација со тежина помала од 900 килограми. Спринтот до сто трае помалку од три секунди, а забрзувањето не престанува до 290 километри на час. За негативно забрзување се грижат тркачки сопирачки дискови со четириклипни клешти и пречник од 332 милиметри.

Производството во мануфактура ќе стартува во февруари 2016 во седиштето на фирмата во Хетел, Британија. Како што наведува и името, серијата ќе се произведе во само 311 примероци. Цената на уличната верзија изнесува 115.000 евра, додека тркачката верзија чини 135.000 евра – од фабрика.

Спојлерите притискаат со максимално 215 килограми
Спојлерите притискаат со максимално 215 килограми

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Фејслифт на компактот на Mercedes: Голф-класата сега се вика А-класа

Alfa Romeo има ново лого … и никој не го забележува