Ништо од соларните автомобили, Холанѓаните се откажаа

Проектот со искрени намери и големи амбиции на Lightyear: Спортскиот автомобил со погон на сонце Lightyear 0.

Само пет месеци по Sono Motors, сега и некогашниот ривал Lightyear ги спушти едрата. Фирмата се откажа од планот да произведува соларни автомобили. Поранешниот директор на Audi, Бернд Мартенс, замина од компанијата.

Откако во мај заврши приказната на германскиот Sono Motors како независен производител на автомобили, сега истата судбина го снајде и ривалот со соларни автомобили Lightyear од Холандија.

Младата компанија засега се откажува од плановите за самостојно да произведува сопствен модел на автомобил и ќе се посвети на производство на соларни панели за возила од останатите производители.

Точно во периодот кога минхенскиот Sono Motors пред пет месеци го означи крајот на своето работење, холандскиот ривал Lightyear проба да си обезбеди нова шанса со тоа што од корен ја смени структурата на компанијата.

Бернд Мартенс, некогашен шеф за набавки во Audi, во декември 2022 година беше назначен за оперативен директор. Негова задача кај Холанѓаните беше да ја спаси младата фирма, заедно со плановите за сопствен автомобил. Сериското производство требаше да отпочне во 2025 година. Цената: Под 40.000 евра. Мартенс во средината на септември си замина од фирмата.

Lightyear уште во јануари мораше да објави стечај и го запре производството на својот дебитантски модел Lightyear 0, со цена од 250.000 евра. Лимузината со коефициент на отпор на воздух cw 0,19 требаше да се произведува во Финска, кај Valmet. Незначителен број возила излегоа од монтажната лента.

Фирмата ќе се обиде како добавувач за автомобилската индустрија

Холандската компанија се надева дека сега ќе постигне успех како добавувач. Основачот и извршен директор Лекс Хофслот потврди за холандскиот НЛ Тајмс дека се во тек преговори, за компоненти да им се испорачуваат на неколку производители. Дури потоа ќе може да се размислува за повторно да се работи на плановите за производство на сопствен модел.

Со крајот на Sono Motors и Lightyear, како самостојни производители на автомобили, завршија и плановите за соларен автомобил во Европа. Наспроти тоа, во Кина продолжува развојот на електрични автомобили што акумулираат енергија од сонцето.

Претходна објаваФабрика за батерии од 1,7 милијардa евра во Полска ќе произведува за Volkswagen
Следна објаваИсториски, иконски, легендарен: Citroën прославува 75 години на 2CV

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here