за

Историски, иконски, легендарен: Citroën прославува 75 години на 2CV

Citroën го прославува 75-от роденден на својата легендарна и безвременска икона, 2CV.

Повеќе од 5 милиони примероци се произведени меѓу 1949 и 1990 година. Корените на 2CV се наоѓаат во проектот TPV (Toute Petite Voiture, многу малечок автомобил) од 1936 година.

Целта на проектот од средината на 1930-те години беше да се создаваат автомобили што се повеќестрани, штедливи и достапни за секого. Citroën 2CV прерасна во икона, изградена врз главните столбови на марката: Популарен, комфорен, едноставен, издржлив и достапен автомобил.

Препознатливата форма на каросеријата и практичноста беа клучните состојки за успешната сторија што се провлекуваше низ неколку децении.

За одбележување на оваа пригода, осум иконски и впечатливи примероци од 2CV се фотографирани во конзерваторимот на Citroën, каде што на 7-ми октомври се одржа главната прослава на 75-годишнината.

Citroën го прославува 75-от роденден на својот иконски автомобил, 2CV. Дизајниран во студиото на Citroën на „Rue du Théâtre“ во Париз и развиван во центарот за тестирање Ла Ферте-Видам во регионот на Ер и Лоар, 2CV ја имаше својата премиера на салонот во Париз на 7-ми октомври 1948 година.

Моделот имаше исклучителна кариера: Вкупно се произведени 5.114.969 примероци, од кои 1.246.335 во доставна изведба. Последниот 2CV ја напушти фабриката во Мангуалде во Португалија во 16 часот, на 27-ми јули 1990, по 42 години од лансирањето.

Корените на 2CV: Проектот „TPV“

Проектот „TPV“ (Toute Petite Voiture, многу малечок автомобил) беше создаден во 1936 година. Целта беше на луѓе со пониски примања да им се понуди многустран и штедлив автомобил. Првиот прототип во возна состојба беше изработен во 1937 година. Тој имаше само 370 килограми и само едно светло напред, бидејќи законите во тоа време не бараа две светла.

Возилото можеше да превезува четири патници и 50 килограми багаж, со брзина до 50 километри на час. Подвозјето работеше толку комфорно, што можеше да се пренесе полна корпа со јајца по свежо орана нива, без да се скрши барем едно јајце.

Видеото од професионалната фото сесија со 8-те избрани примероци од историјата на Citroen 2CV

За премиерата на салонот во Париз во 1939 година беа изработени 250 претсериски примероци, меѓутоа војната избувна и со тоа завршија плановите. Сите возила беа уништени, освен четири, коишто се чуваа во тајност во центарот за тестирање на Citroën во Ла Ферте-Видам.

Легендарен автомобил што прерасна во икона на автомобилскиот свет

Кога започна производството во јули 1949 година, 2CV беше малечок автомобил со двоцилиндарски боксер мотор од 375 сантиметри кубни, со воздушно ладење. Крајната брзина изнесуваше 50 km/h. Citroën постигна револуција со многустраниот и достапен автомобил.

Уникатната форма на каросеријата и духот на народски автомобил ги освоија широките народни маси, но за огромниот успех придонесе и бескрајниот опсег на примена, како и отстранливите клупи, ниската тежина, лесното управување и комфорот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Одржувањето исто така беше ултра-евтино, со што 2CV стана најпопуларен автомобил во Франција. До 1950 година, преплавија нарачките, па на испорака се чекаше и по 6 години.

Авангардниот дух, во спој со генијална технологија за тоа време, направи моделот долго да се задржи како дел од автомобилската сцена. 2CV е безвременски модел што прерасна во општествен феноменкој е врежан во поп-културата, привлекувајќи колекционери од цел свет.

Вкупно беа изработени десет специјални серии од 2CV, достапни и во Франција и ширум Европа. Меѓу нив се вбројуваат Spot, Charleston и Cocorico. Од моделските изведби, посебно се цени 2CV AZ од 1954, со мотор со 12 КС и со прочуената центрифугална спојка.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ништо од соларните автомобили, Холанѓаните се откажаа

Домашен пазар: Citroen C3 со трикратен раст во август, Toyota Corolla најпродавана од почетокот на годината