Ionway ќе испорачува основни суровини за изработка на батерии до фабриките на Volkswagen во Европа, што произведуваат батериски модули за вградување во елеткрични автомобили.
Заедничката компанија меѓу PowerCo, огранок на Volkswagen Group, и белгиската фабрика за материјали Umicore, го носи името Ionway.
Во заедничката компанија, што беше договорена уште во декември 2021 година, Volkswagen Group и Umicore се придружуваат на низата европски производители на автомобили, што го приближуваат снабдувањето со батерии до своите фабрики, додека браншата се префрлува на електрични автомобили.
Volkswagen во објавата во петокот соопшти дека планира производствениот капацитет на Ionway до завршетокот на декадата да го зголеми на 160 гигаватчасови годишно. Тоа ќе биде доволно за 2,2 милиони батериски електрични автомобили.
Првата фабрика на Ionway се гради во Ниса/Полска, мисијата е да се произведуваат батерии со помали трошоци, што ќе направи електричните автомобили да бидат достапни за сите
„Основањето на Ionway испраќа силен сигнал за отпочнувањето со технологијата на батериски ќелии во Европа. Убедени сме дека оваа компанија ќе обезбеди неколку важни коцки со коишто Европската Унија ќе може да ги постигне целите на Грин Дил“, порачува во соопштението извршниот директор на Ionway, Томас Јансен.
Ionway ќе ги снабдува фабриките за батериски ќелии на PowerCo со основни суровини за батерии и ќе покрива голем дел од потребите на PowerCo во Европската Унија.
За возврат, Umicore ќе добие сигурен пристап до важниот европски пазар на материјали за изработка на катоди за електрични автомобили.
Фабриката ќе почне со работа во 2025 година и ќе вработува 900 лица.
Полска учествува со 350 милиони евра во изградбата на фабриката, со средства од програмата на ЕУ за надминување кризи и унапредување на транзицијата.
















