за

Електричниот Lexus RZ доаѓа со погон на сите тркала Direct4

Тоа е една од бројните убави страни на електричниот погон. Секоја оска на Lexus RX добива точно толку њутнметри колку што е потребно во моментот, побрзо од кој било механички систем.

Електричниот „тркач“ на Lexus има каросерија чијшто изглед зема пример од гепард. Тоа што најбрзото животно на копно служи како пример за RZ, не е случајност. Секоја оска користи сопствен електромотор, а за тоа колку секој од нив ќе учествува во погонот во моментот, решава електроника, брзо и делотворно.

Уживање во возењето и комфор за патниците беа меѓу главните водилки при развојот на Lexus RZ, електричен СУВ на луксузната марка на Toyota. За тоа да се постигне, голем придонес дава и интелигентниот систем за контрола на погонот на сите тркала Direct4.

Технологијата е ексклузивна за Lexus и нејзина задача е да избере колкава моќност во даден момент и во дадени услови на возење, ќе се распредели посебно до предниот и до задниот електромотор. Таа распределба се менува за само неколку милисекунди.

За споредба, некои видови погон на сите тркала прво треба да препознаат дека некое од тркалата пролизгува, затоа што нема доволно триење со подлогата во моментот, па да реагираат и да ја сменат „количината“ на њутнметри што се испорачува до конкретното тркало или оска. Тоа трае и обично се препознава во видеата на јутјуб, кога горделиви сопственици докажуваат колку е способен погонот на сите тркала во нивниот автомобил, при што се гледа како тркалата пролизгуваат долго. Кај Lexus RZ и кај Direct4, такво нешто не се случува.

New item by Automedia MK / Google Photos

Уште една задача на Direct4 е автоматски да ја приспособува силата на сопирање на сите четири тркала, зависно од тоа колку е добар контактот со подлогата и дали има лизгање или груб асфалт, за на тој начин всушност да се подобри енергетската ефикасност на електричниот Lexus. Кусо потсетување: При сопирање се користи енергијата на залетот, електромоторот работи како генератор и дел од истата ја користи за полнење на батеријата.

Кога Такаши Ватанабе-сан, главниот инженер на Lexus, проучувал како напаѓа најбрзото животно во светот, гепардот, тој бил одушевен од движењето на телото на големата мачка, во сите правци, додека спринтува и го гони пленот. Зачудувачки, за сето време, главата останува стабилна, погледот право напред.

Тоа ги наведе инженерите на Lexus да осмислат нови начини да владејат со „држењето на ставата“ на RZ, додека контролата на погонот Direct4 обезбедува врвна стабилност и подвижност. Поуката од гепардот е пренесена во возилото на тој начин, што ниту носот, ниту опашот, се подигаат или тонат при нагло поаѓање или сопирање. За тоа секако е посебно благодарен вратот на патниците.

Контролата Direct4, според ветувањата на инженерите, обезбедува исклучителна тракција при забрзување и на лизгава подлога, одлична стабилност во свијоци и сигурно чувство при силно сопирање.

New item by Automedia MK / Google Photos

Брзото и способно распределување на вртежниот момент до тркалата помага и возачот да стекне чувство на прецизност, рамномерност и природност при секоја негова команда.

Lexus вели дека електричниот RZ се заснова врз „трите Ц“ (реално, латинично C), што го сочинуваат возачкиот потпис на марката (Lexus Driving Signature): Confidence (доверба), Control (контрола) и Comfort (комфор).

Системот работи на тој начин што сензори испрќаат информации до контролните модули на RZ за брзината на вртење на тркалата, надолжното забрзување и аголот на воланот. Direct4 реагира молскавично брзо и го приспособува погонот, распределувајќи во опсег од нула до 100% или од 100% до нула, и секој друг сооднос, побрзо од кој било механички систем.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Британија ја смали потрошувачката на горива, се вози на струја

ДХЛ останува партнер на Формула Е и во ерата на Gen3-болидите