за

Lexus NX е бетмобил во теренска изведба

Изгледа луто, но е примерен теренец. Со спортски акцент, новиот Lexus NX вози против X3, GLK и Q5. Ќе успее ли престижната марка на Toyota конечно да се докаже пред европските купувачи и да го постигне заслуженото?

Многумина мислат дека се работи за студија, но овој автомобил со „диабло“ фаца, продорен поглед и рабови остри како жилет е најнормален сериски автомобил, што според најдобрите надежи на Toyota почесто ќе го гледаме по улиците. Не мина ниту цела една година откако студијата Lexus LF-NX доживеа премиера на салонот во Франкфурт, а престижната марка на Toyota веќе стартуваше со сериската верзија на компактниот теренец што ќе се појави на европскиот пазар наесен.

Постои добро објаснување зошто NX изгледа како вонземјанин што е дојден на летен одмор на земјава. Во сегментот на компактните теренци владее силна конкуренција, а Lexus се приклучува со задоцнување. Audi, BMW, Mercedes, Land Rover, Volvo, па дури и Infiniti, веќе одамна ги обезбедија добро парче од големата торта, па Јапонците мора да направат нешто особено за да бидат забележани. Стратегијата им успеа. Дури и новиот BMW X4 и Range Rover Evoque одненадеж изгледаат здодевно во споредба со Lexus NX.

Техниката дава добра поткрепа за несекојдневниот изглед на првиот компактен теренец на Lexus. Типично за марката, тој е прв и единствен модел што вози и со хибриден погон во овој сегмент. Во погонот на моделската верзија NX 300h соработуваат четирицилиндарски бензинец од 2,5 литри со 155 КС и електроотор со 143 КС. Во верзијата со погон на сите тркала дополнително следува и втор електромотор со моќност од 68 КС за задната оска. Негова задача е да поага при поаѓање и на влажен пат, како и да придонесува за побезбедно возење на снег и мраз – до брзина од 60 километри на час. Потоа, електрониката го исклучува задниот електромотор.

Користа од сложениот погон секако дека се огледува прво во потрошувачката на гориво. Според фабрика, NX 300h вози сто километри со 5,0 литри бензин, односно 5,1 литри во верзијата 4х4. Мал проблем за хибридниот NX може да претставува само ограниувањето на крајната брзина. Додека конкурентите без проблем ја надминуваат звучната граница од 200 km/h, а некои продолжуваат дури и до темпо 250, LexusNX300h престанува да забрзува веќе при 180.

Со притискање на копче, возачот може да избира три различни програми за возење, со посебно дотерување на работата на подвозјето и управувањето, контролата на моторот и на безстепениот автоматски менувач, па дури и на изгледот на инструментите, по пример на лимузинскиот брат IS. Љубителите на перформансите ќе треба да се стрпат до напролет, кога следува новиот дволитарски бензинец, како прв мотор со турбонатполнење во историјата на Lexus. Моделската изведба со овој мотор, Lexus NX 200t, во комбинација со шестстепен автоматски менувач, располага со моќност од 238 КС и вртежен момент од 350 њутнметри.

Согласно премиум карактерот на возилото, NX нуди уживање и во амбиентот во кабината. Материјалите се уште поблагородни отколку во IS, а ништо не недостига и во иновативната опрема. Поскапите моделски изведби добиваат проекциски дисплеј, меѓу седиштата се наоѓа поле за ракување со прст како кај лаптоп, четири камери го создаваат приказ на возилото од птичја перспектива и помагаат при паркирањето, а мобилниот телефон се полни без кабел, по пат на индукција, со обично поставување во специјалната преграда под предниот потпирач за рака.

Со меѓуоскино растојание од 2,66 метри, на NX не му претставува проблем да понуди и најдолг простор за нозе на задната клупа во својот сегмент. Има доволно простор и за куферите. При искористувањето на транспортните таленти помагаат и електромоторите за отворање на задниот капак и за соборување на задната клупа. Со преполовувањето на батериите и нивно поставување под седиштата, се добива и повеќе простор за багаж. На тој начин одлично се заокружува целината од спортски дизајн и практичност за секојдневието.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Aston Martin Lagonda ќе се продава само „по покана“

Mercedes започна со производство на продолжената класа С во Кина