Следната генерација на знаменосецот на Lexus е можно да добие верзија со погон на водород до 2020 година, известуваат јапонските медиуми. Корпорацијата Toyota веќе го нуди Mirai како сериски модел со погон на водород.
По успешното стартување со продажбата на првиот сериски автомобил со погон со горивни ќелии, корпорацијата Toyota планира следната генерација на знаменосецот LS од својата луксузна марка Lexus исто така да ја понуди со напредниот погон на водород до 2020 година. Се очекува дека трошоците за развој и производство на технологијата на погонот на водород ќе забележат пад во следните пет години, што ќе овозможи цената на водородниот LS да биде блиску до конкурентските модели со конвенционален погон.
Toyota инвестира масовно во возилата со горивни ќелии, коишто во основата се електрични автомобили, но место струјата да ја црпат од батериите, тие ја добиваат истата од хемиската реакција меѓу водородот и кислородот во горивната ќелија. Како резултат од реакцијата се добива само чиста вода. Претходно од корпорацијата соопштија дека планираат да достигнат годишна продажба од 30.000 возила со погон на водород до крајот на деценијата, во насока на реализацијата на планот, сите возила на Toyota до 2050 година да достигнат речиси нулта емисија на штетни материи.
Моделот со водороден погон Toyota Mirai досега е продаден во 350 примероци, а планот е во следната година продукцијата да се зголеми на 2.000 возила, а потоа и на 3.000 возила во 2017 година.