за

Lexus и Volvo ги гледаат пешаците подобро од Mercedes и BMW

Клубот ADAC тестираше системи за самостојно запирање, кои што автоматски ги активираат сопирачките при опасност од удар во пешак. Некои марки сепак гледаат повеќе од другите.

Современите системи за асистенција можат да го спасат животот на пешаците со тоа што го предупредуваат возачот кога ќе препознаат пешак на патот и автоматски го запираат возилото доколку возачот не реагира. Такви системи веќе се вградуваат во Volvo, Lexus, BMW и Mercedes.

Заштитата на пешаците како составен дел од системите за самостојно запирање сé уште се во раниот стадиум од развојот. Клубот ADAC провери колку ефикасно дејствуваат истите и дојде до заклучок дека постојат разлики меѓу производителите, но во основа сите се способни да го спасат животот на пешакот.

Само Volvo и Lexus функционираат беспрекорно

Препорака од клубот добија системите за асистенција во Lexus и Volvo, додека Mercedes и BMW добија само задоволителна оцена. На тестот разочара единствено функционирањето на системот Mobileye кој се вградува дополнително и чини околу 800 евра. Клубот оценува дека „во принцип е добро кога се предупредува возачот, но за навистина добра активна заштита на пешаците е потребен систем што самостојно ќе го запре возилото.“ Mobileye само го предупредува возачот.

Најдобро пласираните на тестот, Lexus и Volvo, можат дури целосно да ја спречат колизијата со пешак при брзина до 50 километри на час со самостојно запирање на возилото. Најефикасен е системот на Volvo V40, кој е достапен како доплата за околу 1.800 евра. Покрај тоа, Volvo V40 е прв автомобил што сериски е опремен со воздушна перница за заштита на пешак.

Напредниот безбедносен систем во Lexus чини 8.000 евра

Технички е најнапреден системот на Lexus, кој дополнително поседува и сензор за ноќно гледање, но затоа и чини 8.000 евра – соодветно на моделот во кој што истиот е достапен, во знаменосецот Lexus LS 600hL. Експертите имаат неколку забелешки за системот за препознавање пешаци кај класата E на Mercedes. Системот Pre-Safe е на пазарот веќе неколку години и има достигнато, но препознавањето пешаци, кое е дел од него, покажува слабости во откривањето на пешаците кога тие се во движење.

Најевтин е системот во BMW, за кого се доплаќаат околу 500 евра, кој не го запира возилото целосно, но со автоматско сопирање му помага на возачот и ја ублажува опасноста од удар. Предност на овој систем е тоа што истиот е достапен во повеќето модели од гамата на BMW.

Набрзо во серија кај сите автомобили

Производителите ќе мораат во иднина сериски да ги вградуваат системите за спречување удар во пешак, затоа што според новите критериуми на Euro NCAP, при оценувањето на безбедноста на возилото при судир се зема во предвид и ефикасноста на системот. Затоа, за постигнување на максималните пет ѕвездички, системот за заштита на пешаците ќе мора да биде присутен во возилата, вклучувајќи ги и моделите од пониските класи.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

По автомобилите пожар и во фабриката на Tesla

Производителите ги притајуваат грешките на возилата?