Пред да замине во пензија в година, Defender уште еднаш ќе го притисне педалот до долу. Специјалистот за мотоспорт Bowler, познат по подготовките на возила за Рели Дакар, организира тркачка серија со Landy.
Во купот што се води како Defender Challenge ќе возат фабрички нови примероци од Defender 90 со цврст покрив, кои што ќе бидат подготвени за трка од специјалистот за мотоспорт Bowler. Британците го навиткаа 2,2-литарскиот турбодизел на 172 КС и на вртежен момент од 450 Nm. Менувачот и преносот не се менуваат, гумите се специјална изработка од Kumho, монтирани на алу-бандажи од 18 инчи, а подвозјето е посебно дотерано, меѓу другото со амортизери Bilstein, како и со покрути пружини и стабилизатори.
Амбициите за трка се уште повидливи во внатрешноста. Освен пропишаниот кафез и противпожарниот апарат, внатре има уште систем за коминукација со совозачот, тркачки седишта и ремени со шест точки. Bowler монтирал и помал волан со три краци, обложен со алкантара. Предните стакла се заменети со плексиглас, а механизмот е исфрлен.
Со сите додадени и отстранети делови, тркачкиот Defender тежи 1.750 килограми, односно приближно колку стандардниот модел со цврст покрив. Цената на возилото подготвено за трка и со можност за возење во нормален сообраќај изнесува околу 60.000 евра. Петнаесетте автомобили од специјалната тркачка серија, од почетокот на март ќе се појават на вкупно седум рели натпревари во Британија.