На веста дека култната марка Lancia ќе се продава само во Италија и само со еден модел малкумина останаа рамнодушни. Ова се само десет модели поради кои не смееше да се дозволи таков срамен крај на Lancia.
Не е лесно да се изберат само десет модели со кои што ќе се присетиме на некогашната големина на италијанската марка Lancia. Во текот на повеќе од едновековната историја на марката од Торино постојано се појавуваа модели што не ја одредуваа само историјата на Lancia, туку и целата историја на автомобилизмот. Затоа изборот го сведовме само на периодот од 1960 година наваму, чисто субјективно и без посебен редослед.
1. Lancia Stratos (1972). Дизајнирана од Марчело Гандини, задвижувана од 2,4-литарски V6 од Ferrari. Моделот имаше исклучителен успех во рели, освојувајќи ги светските шампионати во 1974, 1975 и 1976 година, како и Тарга Фиорио во 1974. Во 2010 година беше претставена реинкарнација на моделот со дизајн од Fininfarina и техника од Ferrari F430.
2. Lancia Thema (1984). Дел од проектот Типо 4, на заедничка платформа со Fiat Croma, Alfa 164 и Saab 9000. Дизајнот го потпиша Џуџаро, легендарен е моделот 8.32 со трилитарски V8 од Ferrari.
3. Lancia Flavia (1961). Прв италијански автомобил со преден погон, дизајниран од професор Фесија. Во почетокот имаше 1,5-литарски боксер изработен од алуминиумска легура. Купето го дизајнираше Pininfarina, додека Michelotti беше одговорен за кабриолетот. Во 1971 година беше наследена од Alfa Romeo 2000.
4. Lancia Beta (1972). Прв модел на Lancia по преземањето од страна на Fiat во 1969 година. Широката моделска гама вклучуваше лимузина/комбилимузина, купе, спајдер и комби купе (UHP). Врз база на моделот беше изведено легендарното купе Monte Carlo, со средишно поставен мотор и заден погон, дизајнирано и произведувано од Pininfarina.
5. Lancia Delta HF Integrale (1988). Брутална верзија на HF 4WD специјално произведена поради хомологација за рели шампионатот. Моторот подоцна доби глава со 16 вентили. Врвни модели беа Еvo 2 од 1992 година и нисколетачкиот проектил S4. Во периодот од 1987 година Delta беше апсолутно непобедлива во трките од светскиот шампионат во рели.
6. Lancia 037 Rally Stradale (1982). Хомологациска изведба на рели болид од подоцна укинатата група Б од највозбудливиот период во мотоспортот, произведена во 200 примероци во Pininfarina. Духовниот наследник на Stratos имаше дволитатски четирицилиндарец со натполнење и 205 КС, развиен од Abarth.
7. Lancia Fulvia (1965). Моделот стартуваше како цивилна лимузина, а брзо следуваше и впечатливото купе. Верзијата HF беше развиена за рели и доживеа повеќе степени на развој. Моторите постојано ојакнуваа, почнувајќи од 1,2-литарецот со 90 КС до 1,6-литарецот со 133 КС.
8. Lancia Gamma (1976). Слично како Citroen CX, моделот се инспирираше од концептниот автомобил BMC 1800 Pininfarina. Карактеристична беше комбилимузинската форма на задниот дел, со класичен капак. Италијанците понудија и елегантно купе. Понудата на мотори вклучуваше и боксер со необично голема зафатнина од 2,5 литри за тоа време.
9. Lancia Y10 (1985). Моделот се продаваше на италијанскиот пазар под марката Autobianchi. Исклучителен градски автомобил со славниот мотор 1.0 Fire. Најспектакуларна верзија беше Y10 Turbo со 85 КС. Подоцна се појави и изведба со погон на сите тркала, а можеше да се нарача и менувач со променлив преносен однос CVT.
10. Lancia Thesis (2001). Последниот обид на Lancia да фати чекор со големите момци од премиум сегментот. Многумина сметаа дека престижната лимузина изгледа контроверзно со светлата во форма на дијаманти, поради што изостана поголем успех на моделот.