Kumho со концептен автомобил: Оваа Kia троши 2,5 l/100 km

Производителите на гуми не заостануваат во вештината да го привлечат вниманието на публиката преку концептни автомобили. Нивниот автомобил работи со двотактен дизел и секако вози со гуми Kumho.

Новата генерација автомобилски пневматици е само дел од експонатите што Kumho ги изложува на саемот за пневматици во германскиот Есен. Корејскиот производител разви и концептен автомобил, наречен Coop-Car 3 for free, кој е базиран врз претходната генерација на Kia Picanto и има една особеност под хаубата. Таму работи двотактен дизел, со три цилиндри и работна зафатнина од 0,9 литри. Со современа технологија за впрскување на горивото преку заеднички вод под висок притисок, Coop-Car троши само 2,5 литри дизел на сто километри.

Логично е тоа што возилото користи гуми од Kumho, во случајов KH27 Ecowing ES01, со оптимирана економичност. Покрај тоа што гумите имаат низок отпор при тркалање, тие се одликуваат и со ниска бучава, за што меѓу другото ги добија и највисоките оцени на тестот на гуми на клубот АДАК.

Shell и Bosch дел од проектот за повторно заживување на двотактните мотори

Партнери на Kumho во изработката на концентниот автомобил беа консултантската куќа TCU и Универзитетот за применети науки во Фридберг. Целта беше да се истражат предностите на двотактен мотор во модерен автомобил и истите да се искористат во комбинација со интелигентна контролна електроника за моторот, впрскување гориво, средства за подмачкување и гориво, во автомобил со најниски можни емисии на азотни оксиди, СО2 и бучава. Во проектот учествуваа и гигантите Shell и Bosch.

Името „3 for Free“ асоцира на DKW 3=6 од 1953 година, кој исто така поседуваше двотактен мотор со три цилиндри и според производителот работеше двапати поефикасно од споредлив четиритактен мотор, па оттаму и ознаката 3=6.

Претходна објаваПочеста проверка на притисокот во гумите при големи температурни промени
Следна објаваToyota негодува за прикажувањето на нејзиното лого во „Брексит“

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here