за

Кина чекор по чекор ги истиснува светските производители од својот пазар

Производителите на автомобили со долга традиција беа полни со оптимизам околу продажбата на возила во Кина, но голем број од нив полека и сигурно се истиснуваат од огромниот пазар.

Кина производство автомобили

Традиционалните производители на автомобили имаа големи очекувања за продажбата на возила во Кина, радувајќи се на враќањето на силната динамика во продажбата.

Извршниот директор на групацијата Volkswagen, Оливер Блуме, се врати со голем оптимизам по неговата посета на Кина во февруари. Исто и менаџерите на останатите производители на автомобили, вклучувајќи ги BMW, имаа големи очекувања за кинескиот пазар.

Но, тоа краткотрајно охрабрување крие непријатна пресвртница за големите производители на автомобили. Голем број од нив полека, но сигурно, се истиснуваат од кинескиот автомобилски пазар.

Уделот на светските производители на автомобили на големиот кинески пазар во 2020 година изнесуваше 61 процент. Во последното тромесечје од минатата година, нивното учество се намали на 41 процент.

За првата половина од годинава се очекува извесно зголемување на нивното учество на пазарот, меѓутоа експертите на BloombergNEF предвидуваат дека учеството одвај ќе достигне 50 проценти за цела година.

Движењата на пазарот различно ги погодуваат традиционалните производители. Продажбата на Toyota во Кина се одвива релативно добро, меѓутоа јапонските соперници Nissan и Honda се соочија со голем пад во продажбата во последните неколку години. Премиум марките, гледано во целина, минуваат подобро од големоволуменските марки.

Растечката продажба на електричните возила е главниот причинител за сменетите услови на кинескиот автомобилски пазар. За да се развие нов модел потребни се долги години, а голем дел од традиционалните производители погрешно ја проценија брзината со којашто кинескиот пазар ќе се префрлува на електрични возила.

Светските производители на автомобили учествуваа со само 8 проценти на пазарот на приклучни хибридни и батериски електрични возила во Кина во последното тромесечје лани. Повеќето од нивните електрични модели не можат да конкурираат на цената на домашните модели, но заостануваат и во досегот. Нивниот удел на кинескиот пазар на електрични возила постојано се скусува, додека Tesla и BYD го преземаат владеењето со пазарот. Во исто време, домашните производители постојано лансираат нови електрични модели.

Електрификацијата се одвива најбрзо во најскапиот и во најевтиниот дел од кинескиот автомобилски пазар. Следниот бран на раст мора да се случи во средината на понудата, каде што електричните модели се пробиваат побавно. Доколку светските производители на автомобили не преземат радикални чекори, со тоа дополнително ќе им се скуси учеството на големиот кинески пазар.

Бројките од продажбата од почетокот на 2023 година укажуваат дека тој процес веќе е започнат. Јапонските марки продале за 39 проценти помалку возила во јануари и февруари, додека Германците се во минус 21 процент.

За споредба, BYD во истиот тој период продаде повеќе од 300.000 возила, што претставува раст од преку 70 проценти. Основачот Ванг Чуанфу во минатата недела изјави дека компанијата има за цел да стане водечки производител на автомобили во Кина до звршетокот на годината.

Влијаат и други фактори. Кинеските марки честопати имаат подобра понуда на конективност и софтвер во своите возила. Тоа прави уште една разлика. Покрај тоа, кинеските купувачи побрзо ги прифаќаат новите технологии, отколку купувачите на нови возила од западните марки, каде што просечниот купувач повеќе е традиционално ориентиран.

Тековните случувања се воедно и дел од долгорочните планови на кинеската влада за автомобилската индустрија. За да произведуват во земјата, светските производители до неодамна беа условени да воспостават партнерство со домашните компании, односно да изградат заеднички фабрики. Тој чекор имаше за цел да се забрза трансферот на технологијата и да се стекна експертиза во производството. Сега електрификацијата им отвора пат за да избијат во предност.

Напредокот на Кина беше клучен за светските производители во изминатите неколку децении. Најголемиот дел од растот на продажбата на возила во светот во последните 20 години се должи токму на експанзијата на средната класа во Кина.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Колку автомобили останаа непроизведени поради чип-кризата?

Кенија доби 350 милиони евра кредит од ЕУ за брз автобуски превоз