Како Кина ги престигна сите за да стане светски лидер во електричните возила

Во трката да се смали емисијата на јаглероден диоксид, земјите почнувајќи од САД и завршувајќи со Нов Зеланд, нудат повластици со цел да се поттикне купувањето електрични возила. Тоа е тактиката што Кина ја користеше со години, за да прерасне во најголем пазар за електрични автомобили на Земјата.

Електричните автомобили учествуваа со една четвртина во вкупниот број продадени автомобили во Кина лани. Тоа е далеку повеќе од едно електрично на секои седум продадени возила во САД и од едно на секои осум продадени возила во Европа.

Трката допрва се вжештува. Експертите ценат дека уделот на електричните возила во втората најголема економска сила во светот ќе достигне 90 проценти до 2030 година.

Вклучувајќи ги приклучните хибриди, продажбата на автомобили со електрифицирана спрега во Кина достигна 5,67 милиони примероци во 2022 година. Тоа е повеќе од половина од вкупната светска продажба на електрифицирани автомобили лани. Земјата годинава ќе учествува со околу 60% во светската продажба од 14,1 милиони електрични автомобили, предвидуваат BloombergNEF.

Бумот не се случува само во купувањето, туку и во производството. Кинеските марки учествуваат со околу половина во вкупната продажба на електрични возила ширум светот, објавија неодамна аналитичарите на HSBC.

Широката мрежа од полначи исто така помага за прифаќањето на електричните автомобили. Со најголема мрежа од полначи во светски рамки, Кина само во минатата година постави нови 649.000 јавно достапни полначи. Тоа се повеќе од 70 проценти од сите полначи што биле поставени ширум светот во 2022 година.

[the_ad id=”73735″]

Охрабрени од постигнатиот успех, производителите ја преплавија Кина со нови модели. Годинава се разгоре и ценовната војна, откако компаниите презедоа чекори да избијат во предност пред соперниците.

Следи сеопфатен преглед на пристапот со морков и стап што Кина го применуваше за пробивот на електричните возила:

Морковите

Субвенции за купувачите: Програмата што се применуваше подолго од една деценија, купувачите ги поштедуваше од 60.000 јуани (околу 8.375 долари) од цената на електричните автомобили. Иако националните субвенции завршија во 2022 година, локалните власти во балунг-подрачјата, како што е Шангај, продолжуваат со повластици во висина до 10.000 јуани.

Даночно ослободување: Електричните возила со цена до 300.000 јуани се ослободени од стандардниот данок во висина од 10 проценти до 2025 година. Во 2026 и 2027 година, предвидено е да се плаќа само половина од редовната висина на данокот, односно 5% од вредноста на возилото. Вкупната висина на данокот од којшто Кина, почнувајќи од 2014 година, ги поштеди купувачите на електрични автомобили, ќе достигне 835 милијарди јуани до завршетокот на 2027 година.

Субвенции за производителите: Директна владина помош за производителите на електрични возила помогна за голем број компании да отпочат со работа и да го одржуваат производството. Повеќе од 500 марки нудеа електрични автомобили уште во 2019 година. Државната поддршка овозможи BYD да стане најпродавана марка во Кина, прекинувајќи го повеќедецениското владеење на Volkswagen.

Инфраструктура: Достапни насекаде, станиците со полначи со државна помош им ги смалува трошоците на возачите и ги ослободува од стравот околу досегот при патување на подолги растојанија. Сите полначи користат ист стандард. Тоа е постигнато во договор со производителите, така што сите автомобили имаат исти приклучоци. Кина на крајот на мај имаше 6,36 милиони електрични полначи, повеќе отколку на кое било друго место на планетата.

Стаповите

Ограничувања за возила со бензински мотор: Купувањето автомобили со бензински мотор станува сé помалку привлечно. Градовите се борат против метежот со ограничување на бројот на автомобили по улиците, применувајќи мерки како што се лотарија за добивање нови регистерски раблици во Пекинг, или систем на наддавање во Шангај.

Просечната цена на регистерските таблици достигна 92.780 јуани, на наддавањата во Шангај во првите пет месеци лани. Наспроти тоа, возачите на електрични автомобили доаѓаат лесно до нови зелени регистерски таблици. Со тоа дополнително се нагласува дека возилата се погодни за животната средина. На градските улици се забележуваат сé повеќе автомобили со зелени таблици.

Пенали за производителите: Кина во 2017 година воведе двокредитен систем за автомобилската индустрија. Производителите освојуваат бодови со произведувањето електрични автомобили, додека на тие што произведуваат возила со висока потрошувачка на гориво и висока емисија, им се одземаат бодови. Доколку некој производител има премногу негативни бодови, неговите автомобили може да се повлечат од продажба. За да се избегнат казните, производителите можат да купат кредити од ривалите коишто имаат позитивно бодовно салдо, како што се Tesla или BYD, чијашто гама целосно се состои од електрични автомобили. Кредитите може да бидат мошне скапи. Државната Chongqing Changan Automobile Co. изгуби по 4.000 јуани од заработката на секој автомобил во 2020 година, за да избегне нивните автомобили да се повлечат од продажба.

 

Претходна објаваЕУ си обезбеди нов извор на литиум: Чиле место Кина
Следна објаваJaguar и Land Rover ќе се снабдуваат со батерии од фабрика во Британија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here