Кинескиот специјалист за батериски ќелии CATL започна со изградба на фабрика во Тиринген, Германија. BMW веќе има потпишано договор за испорака на батерии од компанијата во вкупна вредност од неколку милијарди евра. Голем дел од европската автоиндустрија ќе биде зависна од испораките од оваа фабрика.
Поставени се темелите на најголемата фабрика за батериски ќелии за електрични автомобили во Европа. Кинескиот концерн CATL (Contemporary Amperex Technology Ltd.) во следните пет години ќе вложи до 1,8 милијарда евра во фабрики во близи на градот Арнштат, во Тиринген, Германија. Станува збор за прва фабрика на кинескиот гигант којашто се гради надвор од земјата. Бројот на вработени ќе се зголемува постепено до 2.000 лица.
Во почетокот на 2022 година се очекува да започне производството на батериски ќелии во индустриската зона во регионот на Ерфурт. Производствениот капацитет во почетокот ќе изнесува 14 гигаватчасови, а подоцна истиот ќе се зголеми двојно, на 24 Gwh. Продукцијата ќе се приспособува според побарувачката од производителите на автомобили, односно зависно од продажбата на електрични возила.
Батериски модули може да стартуваат со производство уште в година, во погоните на Hallen, коишто CATL го откупи од стечајната маса на производителот на соларни ќелии во близина на Арнштат. Ќелиите сепак ќе пристигаат од Кина.
Со пазарот за батерии за електрични автомобили владеат компании од Кина, Кореја и Јапонија
Групацијата BMW веќе има потпишано договор за испорака на батерии од CATL во висина од неколку милијарди евра. Кинеската компанија е со седиште во Нингде и се вбројува меѓу најголемите производители на литиум-јон батерии во светски рамки, со околу 20.000 вработени.