Повеќе стил и издвојување во уличната слика, а цената малку над стандардната изведба. Тоа е понудата од Киа, кога пушта изведба Блек Едишн од својот Спортаж, најпродаван модел на марката, и глобално, и на македонскиот пазар.
Блек Едишн со изгледот се приближува до врвното и спортско ниво ГТ-Лајн, меѓутоа се нуди и со основните погонски единици, со што станува подостапна за поширок круг купувачи.
Како што укажува самото име, изведбата се одликува со надворешни детали во црна боја со висок сјај, што ги опфаќа маската, капите на ретровизорите, лајсните, кровните шини, страничните ленти и завршетоците на предниот и задниот браник. Меѓу останатите посебности се црното лого на Киа, црн амблем Спортаж и вметоци во решетката на маската во црна металик боја. Опција се матрични диодни светла, што инаку се резервирани за ГТ-Лајн.
Првото што се забележува сепак се тркалата со посебен дизајн, од 17 или 18 инчи, односно 19 инчи со посилните мотори. Нормално, тие се црни и со висок сјај, со арки во крилата во мат црна боја. Затемнети задни стакла веќе се стандард во Спортаж за нашиот пазар, а според Киа, посебен печат се постигнува при избор на црн покрив, „посебно во комбинација со каросериска боја Волф Греј“.
Повеќе бои се достапни, меѓу кои уни-бела, бисерна црна или бела, две нијанси на сребрена, сина, зелена, мат сребрена и магма црвена.
Тоа што Блек Едишн го донесува дополнително во Спортаж, а веќе одамна е стандард во македонската Спортаж, тоа е панорамскиот дисплеј во кокпитот, што се состои од два екрани од по 12,3 инчи. Таванот е црн, опција е амбиентално светло. Може да се избира меѓу сив или црн кожен ентериер. Во првиот случај, седиштата се обложени со вештачка кожа и сомот, додека во вториот случај е природна кожа и сомот.

Повеќе погонски изведби со Киа Спортаж Блек Едишн
Покрај бензинци и дизели со мануелен или автоматски менувач со двојна спојка, во Блек Едишн се достапни и хибриди и приклучни хибриди.
Понудата од чисти бензинци е позната од постоечката понуда на домашниот пазар, што значи 1,6-литарски турбо мотор со 150 или 180 КС, со мануелен или автоматски менувач со двојна спојка, со погон напред или на сите тркала.
Дизелот од 1,6 литар со 136 КС работи како благ хибрид, исто така со можност за рачен или автоматски менувач, само со преден погон. Хибридот впрегнува електромотор и постигнува системски 239 КС, со 6-степен автоматик, достапен и со погон на сите тркала.
Врвот е резервиран за приклучниот хибрид, исто така со 1.6 Т-ГДи, со системски 288 КС и голема батерија, за пристоен електричен досег. Менувачот е автоматски со 6 степени, а новина е тоа што сега е достапен и во изведба само со преден погон, покрај АВД-моделот.
Претходната специјална серија од Спортаж беше изработена во чест на 30-годишнината на моделот, што во последните години постигнвуа по 160.000 продажби на европслкиот пазар на годишно ниво.
Испораката на Спортаж Блек Едишн на европските пазари се очекува во текот на второто тромесечје.
















