за

Kia Niro влегува во завршницата за Автомобил на 2023 година во Европа

Компактниот кросовер на Kia си обезбеди место во пречистениот список со 7 модели што ја продолжуваат трката за најпрестижната титула во Европа.

Електричниот кросовер Kia EV6 е актуелен носител на насловот на Автомобил на годината во Европа, а уште еден модел на марката има шанса да го повтори успехот. Жирито гласаше за кросоверот со хибриден и електричен погон Kia Niro да продолжи во следната фаза од изборот.

Петта година во низа, модел на Kia се пласира во пречистениот список од модели, за коишто жирито понатаму ќе решава кој ќе стане Автомобил на 2023 година во Европа. Електрифицираното моделско семејство на Kia Niro веќе вози во својата втора генерација и со високата продажба прави марката да се вбројува меѓу водечките во електричниот погон.

Жирито на изборот за Автомобил на годината во Европа, коешто се состои од 58 експерти од 22 држави, гласаше за кросоверот Kia Niro од втора генерација да продолжи во трка за титулата. Од вкупно 27 нови модели што ги исполнуваа условите за да влезат во изборот, жирито избра седум модели. Победничкиот модел за 2023 година ќе биде прогласен на посебна свеченост за време на салонот на автомобили во Брисел, во петок 13-ти јануари в година.

Потпирајќи се на искуството од првата генерација на Kia Niro, со којашто корејскиот производител ја започна електрификацијата на својата понуда од модели во Европа, новиот модел е развиван со предизвикот, тој да стане водечки во сегментот на кросовери од компакт класата, во којшто владее силна конкуренција.

Kia го развиваше новиот Niro имајќи го предвид тоа што менаџерите на марката ценат дека им е важно на возачките и возачите што се свесни за животната средина. Соодветно на тоа, Niro се нуди во три погонски изведби – како хибрид, приклучен хибрид, целосно електричен погон. Тоа овозможува да се избере електрифициран модел според ценовното подрачје, и според потребите.

Електричниот Niro минува до 463 километри, додека моделот со приклучен хибриден погон има енергија за 65 km на струја, пред да се префрли на хибриден погон. Многу се внимавало за материјалите да бидат од обновливи извори, како и да се понудат сите технологии и можности за конективност и онлајн-услуги.

Џејсон Јеон, претседател на Kia Europe, коментира: „Kia ја има честа, жирито да го вклучи Niro во потесниот круг во изборот за 2023 година. Уште свежо закитен со наградата за Златен волан во Германија, Niro повторно се издвојува од масата и ние сме убедени дека неговата популарност ќе продолжи да расте ширум Европа. Тоа би било исклучително достигнување, доколку Niro ги следи стапките на EV6 и победи за Автомобил на 2023 година во Европа.“

Претходно, во потесниот избор се пласираа првата и третата генерација на Kia Ceed, исто како и Stinger, и секaко EV6. Kia планира по 2035 година да нуди единствено електрични автомобили во Европа.

Kia Sportage во октомври достигна близу 40.000 продадени примероци

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест · Skoda Karoq 2.0 TDI Sportline · Како ловен трофеј, за в гаража место на ѕид

Mercedes-Benz на друштвените мрежи објавува само за безбедност