за

Kia воведува седумгодишна гаранција во Македонија

Повторно историски чекор за Kia и повторно со гаранциите. Предноста што марката ја имаше пред конкурентите со петте години гаранција се зголемува. Големите попусти не се единствен аргумент за купување нов автомобил.

Состојбите на пазарот во последниве години создадоа илузија дека големите попусти се единствената предност при купувањето нов автомобил, наспроти алтернативата што ја нудат користените возила во услови на смалена купувачка моќ. Не постои марка што во својот настап пред публиката не наведува огромни попусти, во обид повторно да заживее продажбата во овој сегмент од автомобилскиот пазар.

Вистина, никогаш досега не било поповолно да се купи нов автомобил. Но, смалувањето на цените не може да оди до бескрај. Со ова приближување на цените на новите автомобили до оние на користените, повеќе се деградираа првиве, а профитираа вториве – иако и во обата сегмента тенденцијата е надолу.

Kia е првата марка што се реши за историски чекор во влошени пазарни услови, и тоа во подрачјето каде новите автомобили се најсилни, во гаранциите. Корејската марка и досега се издвојуваше со петгодишната гаранција во конкурентското поле, а сега ќе се издвојува уште повеќе. Од први септември, за целата патничка гама на Kia важи седумгодишна гаранција. Во последнава година увозникот водеше преговори со принципалот, за гаранциските услови со седумте години што Kia ги нуди на европскиот пазар од крајот на 2006 година да бидат достапни и за нашите купувачи.

Како што наведува директорот Владимир Билбилов, пазарот разликува задоволни и лојални клиенти: „Купувачот може да биде задоволен од три или повеќе марки, но лојалноста се искажува само кон една марка.“ Во прилог на значењето на гаранцијата за купувачите оди фактот што е мал бројот на клиенти на Kia што се решаваат да го заменат возилото додека трае гаранцијата за истото.

Седумгодишната гаранција важи без промени во цените на моделите, наспроти практиката кај конкурентските марки да се нуди продолжена гаранција со одредена доплата. Истата важи и без ограничување на важноста, односно „од браник до браник“, како што наведуваат во Kia. Тоа значи дека секој дел од возилото, со исклучок на потрошните делови, ќе биде заменет доколку истиот покаже грешка во материјалот или во изработката, до седум години од купувањето, односно 150.000 километри.

Гаранцијата се пренесува и при продажбата на возилото на следниот сопственик, односно доколку купувачот по пет години реши да го замени возилото, идниот сопственик ќе има уште две години безгрижно возење. На овој начин профитира и купувачот, затоа што поради гаранцијата се зголемува вредноста на неговото возило при натамошна продажба, а со тоа и доплатата за новиот автомобил ќе биде помала.

Со овој историски чекор, Kia воведува нов начин на размислување при донесувањето на решението за купување автомобил, односно не потсетува дека тоа не е чин што важи од денес за утре, туку е потребно да се размислува години понапред. Вистина е дека масовниот увоз на користени автомобили создаде поголем избор за купувачите, но сите заборавивме дека петнаесетина години стара лимузина од три или четири илјади евра, по само неколку години одвај ќе вреди и половина од тоа. Купувањето автомобил секако дека претставува инвестиција на која што треба да се пристапува посериозно.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест • Seat Leon 1.6 TDI Style

Porsche Macan е новиот миленик на дамите