Kawasaki го претстави новото моделско годиште на Ninja ZX-10R во Барселона. Надворешноста речиси и не е променета во споредба со претходникот, но затоа има многу новини во техниката.
Како основа за моделското годиште 2016 на Kawasaki Ninja ZX-10R послужи шампионскиот мотоцикл на Џонатан Риа. При развојот на моделот за новото годиште беа земани во предвид забелешките и препораките од обата пилота во светскиот шампионат во субербајк Џонатан Риа и Том Сајкс. Надворешноста на новата „нинџа“ е речиси идентична со претходничката, но техничарите на Kawasaki беа посветени многу повеќе во техниката на мотоциклот.
Четирицилиндарскиот мотор е преработен и испорачува точно 200 КС под нормата Euro 4. Најмногу промени претрпе главата на моторот, профилите на брегастите вратила и коморите за согорување. Придушните клапни сега имаат електронска контрола, вшмукувачката кутија е поголема, преносните односи во менувачот се сменети, со цел да се подобри забрзувањето на излез од свијок.
Повеќе тежина врз предното тркало, за поголема стабилност во свијоци
Полесното коленасто вратило ја подобрува управливоста и го забрзува качувањето на вртежите. Неколку промени се извршени и во подвозјето. Задната вилушка е продолжена, со што се зголеми меѓускиното растојание. Возачот седи поблиску до главата на воланот, за тежината повеќе да се прераспредели на предното тркало. на тој начин се подобрува стабилноста во свијоци.
Новата амортизација е оптимирана во соработка со специјалистот Showa и потекнува од фабричкиот мотоцикл во супербајк. Ова е нејзино прво вградување во сериско модел. Покрај тоа, преработен е предниот оклоп, за возачот да има подобра заштита од ветрот.
Новитет во електрониката е системот ABS од Bosch, а заедно со него доаѓа и подобрена работа на контролата на тракцијата. Се испорачува и помош за промена на степените, кој во основната верзија помага само при префрлување во повисок степен. За префрлување во понизок степен без спојка е потребен дополнителен кит. Секако дека е интервенирано и во сопирачките. Новиот „Ninja“ сопира со дискови од 330 милиметри со моноблок сопирачки клешти M50 од Brembo.
Kawasaki уште ги нема објавено цената и стартот на продажбата на новиот Ninja ZX-10R.
















