Белгија планира во 2028 година да започне со користење камери што автоматски ги снимаат возачите што држат телефон, а чекорот веројатно ќе го следи Австрија.
Белгискиот министер за сообраќај Жан Лук Круке, го потврди датумот на редовната годишна конференција за безбедност во сообраќајот што се одржа месецов. Тоа е една од петте мерки што се преземаат, откако во првото полугодие порасна бројот на загинати на патиштата во Белгија.
Работна група составена од претставници од министерството за сообраќај, полицијата и судството ќе поднесат извештај до завршетокот на годинава. Системот ќе се воведува во текот на 2027 година, за истиот да се пушти во пробна работа во 2028 година.
Круке и министерот за внатрешни работи Бернард Квинтин планираат да го применат системот на Холандија. Откривањето на возачите што користат телефон додека возат на патиштата во Белгија, денес во најголема мера се врши визуелно од страна на на полициските службеници. Камерите се корисни единствено во случај кога на сликата што е веќе направена за друг прекршок, како пречекорување на брзината или минување на црвено светло, се гледа како возачот држи телефон во рака.
Во 2020 година, Холандија стана првата држава во ЕУ која воведе автоматско казнување за користење телефон при возење. Откако при пробната работа се покажа дека камерите се точни во 95% од случаите, беше дадено зелено светло за мрежата да продолжи да се шири.
Рајнланд-Пфалц лани стана првата сојузна држава во Германија, што почна да ги користи камерите, откако ги смени законите за полиција. Холандските полицајци им ја прикажаа работата на камерите на претставници од Бугарија, Хрватска и Португалија, за време на студиските посети во рамките на размената за безбедност на патиштата во ЕУ, којашто е проект на Европската Комисија.
Австрија исто така бара да се воведат камери. Нивниот претставник во Европскиот совет за безбедност во транспортот, КФВ, наведува дека одвлекувањето на вниманието е причинител за околу чевртина од близу 400 загинати на патиштата во земјата на годишно ниво. Пречка во моментов се законите за заштита на податоците, но претставник на КФВ изјави за австриска телевизија дека мала промена во законите ќе биде доволна, затоа што слични промени веќе се направени за брзинските камери.
Колку е сериозен проблемот покажа двонеделната проба на две места во Бирмингем и Волверхемптон во Обединетото Кралство, во март. Камерите што користат АИ открија 1.920 потенцијални прекршоци со користење телефон и 17.225 прекршоци за неносење безбедносен ремен.
















