Марката со теренците го развива малечкиот Jeepster врз основа на Fiat 500X. Премиерата на моделот е напролет во Женева, продажбата стартува веќе наесен.
Новото теренче на Fiat со моделско име 500X ќе ја позајми својата платформа за новиот модел на Jeep, со кого Американците ќе ја дополнат моделската понуда под Patriot и Compass. Италијанскиот мини теренец, пак, се базира на Fiat 500L и ќе го замени моделот Sedici, кого што Fiat го разви во соработка со Suzuki.
Основната верзија на Jeepster ќе се нуди само со преден погон, а во понудата ќе бидат опфатени и верзии со погонот на сите тркала од Fiat Panda. Досегашните фотографии од тестирањето на прототипите на Jeepster го прикажуваа моделот маскиран под каросеријата на Fiat 500L, а на последната серија фотографии малечкиот теренец е уловен од папараците во форма што е веќе блиску до серискиот модел.
Маската е исправена во стил на Jeep и ги има препознатливите седум отвори, додека предните светла не се тесни и издолжени како кај новиот Cherokee, туку имаат квадратна форма. Крилата се испакнати во стил на Compass и Patriot. Американската верзија на мини теренецот ќе се разликува од Fiat 500X и во задниот дел, кој што ќе биде поисправен. Палетата на мотори ќе биде преземена од 500L, што подразбира бензинци со моќност од 95 и 105 КС, како и 1,3-литарски дизел со 85 КС.
Серискиот модел на Jeepster ќе се појави на претстојниот салон во Женева, а првите испораки ќе следуваат наесен.