
Џип го најавува идниот Компас како еволуција на стилот што отпочна со новиот малечок СУВ-модел Авенџер. Тој се одликува со остри линии, кутиеста каросерија и ново толкување на маската, што го следи изгледот уште на првиот модел на Џип.
Џип ќе го нуди погонот на сите тркала во идниот Компас само во изведбата со целосно електричен погон. Дебито на новата генерација на компактниот СУВ се очекува во септември в година. Новиот модел во почетокот ќе биде достапен само во Европа.
Производството на Џип Компас во Европа ќе почне во следното лето, во фабриката во Мелфи, во централна Италија. Понудата од погонски единици ќе се состои од целосно електричен модел, приклучен хибрид и 48-волтен благ хибрид.
Почетокот на производството на новиот СУВ во Северна Америка е планиран за 2026 година, од каде што ќе се покриваат сите останати пазари, освен европскиот.
Имајќи предвид дека погонот на сите тркала е клучен елемент за возилата на специјалистот за теренски возила навистина да бидат способни за пробивање по потежок терен, Компас ќе го поседува тоа својство само во изведбата со целосно електирчен погон. Џип очекува дека таа ќе постинува досег од 650 километри според ВЛТП.
Новиот Компас е моделот што ќе биде најважен за присуството на марката во светски рамки, со неговата продажба на пет континенти.
Тоа ќе биде воедно и првото возило на Џип што е конструирано врз платформата СТЛА Медиум (се чита Стела), којашто Пежо 3008 (тест) имаше чест прв да ја користи во целиот концерн.
Извршниот директор на Џип, Антонио Филоса, во седиштето на Стелантис во САД, изјави за Аутомотив Њуз Европа на 26-ти септември, дека Џип со таа платформа ќе добие „максимална флексибилност во поглед на тракцијата и понудата од погонски единици, за да можеме соодветно да излеземе во пресрет на барањата на сите наши клиенти ширум светот.“
Во поглед на електрифицираните погонски изведби, Џип работи и на класичен хибриден погон, којшто се очекува да прерасне во најпродаван вид на погон на марката во светски рамки. Погонот ветува пониска емисија на штетни материи во подрачјата со слабо развиена мрежа од полначи или во подрачја во коишто е слаба побарувачката за приклучни хибриди или целосно електрични модели.
Тојота е светски лидер во продажбата на возила со целосен хибриден погон, уште откако Приус почна да се продава во 1997 година. Рено и Киа се меѓу производителите што посебно притискаат да ја зголемат понудата од хибридни модели во Европа.
Поголемиот брат на Авенџер
Дизајнот на следната генерација на Компас, којшто е унапредување на стилот што отпочна со новиот малечок СУВ-модел Авенџер, исто така се одликува со остри линии, кутиести пропорции и со ново толкување на традиционалната маска на специјалистот за теренци.
„Дизајнот на новиот Компас е развиен во тесна соработка меѓу главното студио за дизајн на Џип тука во САД и и европскиот тим со седиште во Торино, којшто веќе работеше на Авенџер“ открива Ралф Џилис, главниот дизајнер за северноамериканските марки на Стелантис и за Масерати.
Авенџер се продава во Европа, Јапонија и Австралија, но не и во САД, каде што купувачите се навикнати модел на Џип да биде голем и суров. Во Европа, тоа е најпродаваниот модел на Џип, со продадени 105.000 примероци од пуштањето во продажба во април 2023 година.
Авенџер ја зголеми продажбата речиси тројно, на 50.865 примероци од јануари до август годинава, во споредба со 18.450 возила во истиот период лани, откриваат податоците од специјалистите за следење на автомобилската продажба Датафорс.















