Најмалечкиот Џип во историјата, а реално голем исто колку славниот Чероки од 1980-те, се покажа вистинска големина на пазарот. Изгледот во којшто се препознаваат обележјата на култната марка теренци, заедно со широката разновидност од погонски изведби и комфорното возење, направија токму Авенџер да донесе преродба во марката
Откако почна продажбата во 2022 година, Џип досега има добиено преку 100.000 нарачки за својот Авенџер. Произведуван во Полска, на иста линија со Фиат 600, Авенџер во првите четири месеци од годинава беше 15-ти најпродаван модел во сегментот на Б-СУВ возила, најголемиот сегмент на европскиот пазар.
Тоа ќе се смени и Авенџер ќе цели кон самиот врв во сегментот, откако во продажба ќе биде вклучена и изведбата со погон на сите тркала, односно со електромотор назад. Изведен како класичен хибрид, Авенџер 4 икс-е секако ќе донесе дополнителен поттик во продажбата.
Ерик Лафорџ, директор на Џип за Европа, коментираше: „Додека го прославуваме впечатливиот успех на Џип Авенџер, не е сé само во бројките и признанијата; тоа е незапирливата посветеност, на клиентите да им се понуди Слободата на Изборот, за да се задоволи секое барање за мобилност и да се понуди единствено возачко искуство.“
Главниот клуч околу успехот на Авенџер веројатно е едноставноста во изборот, барем таков беше впечатокот по тестот на малечкиот, но сосем доволен џип, со 1,2-литарец и мануелен менувач. Кај моделите што се доволни уште во старт, со доволна моќност, доволна просторност, доволна опрема, и главното,„доволна“ цена, купувачите веројатно стекнуваат доверба полесно и тоа ги привлекува да се решат за тие модели. На крајот, кај такви модели, луѓето пак се решаваат за поскапите изведби. Пример, Дачиа. Сандеро и Дастер повеќе се продаваат во најскапите изведби, отколку во основната.
Основата е 1,2-литарски турбо-бензинец со три цилиндри и 100 КС, во комбинација со мануелен менувач со 6 степени. По него следи благ хибрид, со 48-волтен стартер генератор, електромотор од 21 кВ и автоматски 6-степен менувач со двојна спојка, а има и целосно електрична изведба, со истиот погон што е познат од Пежо Е-2008 и Опел Мокка-Е, чијшто удел во продажбата достигнува 25 проценти.
Џип планира Авенџер наскоро да го качи на пиедесталот, до Тојота Јарис Крос
Нова динамика и ново светло на Џип Авенџер ќе му донесе изведбата 4 икс-е. Нарачките за неа ќе почнат во последното тромесечје. Разликата со е-Хибрид моделот се сведува на вградувањето втор електромотор, којшто дејствува на задната оска и располага со 21 кВ. За дополнителни перформанси, може да се избере режим Е-Буст, кога електромоторите и батеријата работат во корист на колку е можно посилно забрзување. Системската моќност е 136 КС, крајната брзина е 194 км/ч.
За популарноста на Авенџер, постои доказ и од домашниот пазар. Аутомобиле СК на својот Карстор им нуди на купувачите преглед на сите модели што во моментот се наоѓаат на лагер. За Авенџер, треба малку да се почека.
















