По една деценија откако престана со производство на Фрилендер, Јагуар Ланд Ровер го враќа моделското име, како целосно електричен СУВ со погон на сите тркала, што ќе се произведува и ќе се продава во Кина.
Јагуар Ланд Ровер и кинески Чери Аутомобил потпишаа писмо на намери, околу издавањето лиценца за името Фрилендер да се користи за нова серија модели со електричен погон. Тоа беше соопштено во службена објава на двете компании.
Производството ќе се одвива во ЦЈЛР, заедничка инвестиција на двата производители со еднакво учество. Возилата ќе се произведуват во погоните на Чери, со компоненти од кинескиот производител.
Јагуар Ланд Ровер бара начини да го зголеми пазарниот удел на најголемиот автомобилски пазар во светот. Домашните компании, како БИД и Грејт Вол, засилено пуштаат во продажба електрични и хибридни возила, во време кога купувачите покажуваат сé поголема свест за животната средина.
Производството на Фрилендер како електрично возило исто така ќе помогне за матичната компанија Тата Моторс да почне да бележи профит од својот бизнис со електрични возила.

Фрилендер ќе се произведува во Чаншу и прво ќе се продава на кинескиот пазар, со намера моделот во иднина да се извезува на светските пазари. Заедничката компанија ЦЈЛР, што е основана во 2012 година, ќе продолжи да произведува возила со мотор со внатрешно согорување.
Компаниите не откриваат кога ќе започне производството на Фрилендер. Моделот престана да се прозиведува во 2014 година и беше заменет со Дискавери Спорт.
















